Евроамбасадорот Жбогар ги посети беровските средношколци – Зборуваа за евроинтеграциите, Брегзит, иселувањето

На претпоследниот ден од училишната година, евроамбасадорот Самоил Жбогар ги посети средношколците во Берово, за да ги слушне и одговори нивните прашања за Европската Унија, но и од прва рака да види што ги мачи овие ученици. Евроинтеграциите, Брегзит, иселувањето, но и климатските промени и образованието беа во фокусот на прашањата поставени од младите беровци до нивниот гостин.

Евроамбасадорот ја отвори средбата со прашањето – која е првата асоцијација за Европската унија кај учениците од ОСУ „Ацо Русковски“ во Берово. Соработка, сила, заедништво, економија…беа дел од одговорите на средношколците.

Првото прашање беше за Брегзит, и за тоа какви последици ќе има врз унијата напуштањето од страна на Велика Британија.

Евроамбасадорот одговори дека Брегзит е добро научена лекција за Европската унија и дека тоа ќе ја промени самата Унија. За одлуката вели дека била нерационална, при што нагласи дека повозрасните граѓани гласале за Брегзит, додека младите биле тие што гласаа Британија да остане дел од Европската унија.

Надоврзувајќи се на ова прашање, еден од присутните средношколци го запраша гостинот, дали е лошо тоа што силните држави ги помагаат послабите, притоа посочувајќи ја и Македонија како пример на мала држава.

„Тоа се вика солидарност во Европската унија, сите земји придонесуваат во буџетот на унијата, побогатите држави придонесуваат повеќе за разлика од посиромашните држави. Кога го имаш буџетот, го дистрибуираш на тие што се посиромашни, повеќе и на тие што се побогати, помалку. Комплицирано е. Сите земји придонесуваат и во зависност од БДП на земјата се пресметува, процентуално“ објасни  евроамбасадорот.

Притоа дополни дека е точно оти побогатите држави придонесуваат повеќе, но истовремено добиваат пристап до нови пазари.

„Кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ, таа ќе придонесува во буџетот на ЕУ, но преку структурните фондови ќе добива многу повеќе за возврат“, објаснуваше Жбогар, при што забележа дека простапот до фондовите зависи од  позицијата колкава е можноста на земјавата да ги искористи тие пари.

Една од главните теми за кои се интересираа беровци беше ЕУ и нејзиниот одговор на климатските промени. На ова евроамбасадорот Жбогар истакна дека Унијата е најголеми „шампион“ во справувањето со климатските промени и најголем промотор на борбата за намалувањето на јаглеродните емисии.

Во делот на образованието пак, средношколците се интересираа што ќе се промени во македонскиот образовен систем по влегувањето во ЕУ.

„Образовниот систем е оставен на земјите членки. Но тоа што ќе се промени се поголемиот број фондови за образовна инфраструктура. Она што драматично ќе се смени е можноста студентите да патуваат, да учат надвор од земјата и да студираат преку Еразмус“, рече евроамбасадорот.

На прашањето што е проблем за младите во Берово, тие го споменаа трендот на иселување и недостигот на работни места.

Се се случува во Скопје, се бунеа средношколците, загрижени дека институциите го заборавиле нивниот град.

Заеднички се сложија дека е неопходна децентрализација на Скопје, како и дека тоа прашање треба да се третира на национално ниво.

Евроамбасадорот Жбогар, изминатите месеци посети повеќе градови низ земјава при што разговараше со средношколците, одговараше на нивните прашања поврзани со Европската Унија и ги слушаше забелешките кои тие ги имаат за животот во нивната околина.

Настанот беше организиран во склоп на Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

Мартин Колоски