„Еуромакс“ поднел жалба за рудникот на последен ден од рокот

„Еуромакс ресоурцес“ на 25 јули испратиле жалба на решението за одбивање на дозволата за „Иловица“, па сега ситуацијата со рудникот може да се пролонгира за дополнителни 60 денови, во кои за жалбата треба да се произнесе Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при Владата на Република Северна Македонија.

Од Министерство за економија објаснуваат дека претходно, на 10 јули (на 8 јули архивирано), доставиле Решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација на локалитетот „с. Иловица“ до „Еуромакс ресоурцес“.

На ваквото Решение, „Еуромакс“ имаа 15 дена од приемот да се жалат, а тоа го направиле на последниот ден од рокот. Сега, Државната комисија има два месеци да види дали жалбата е основана.

„Министерството за економија по правосилноста на Решението за одбивање на Барањето за издавање на дозвола за експлоатација, а доколку се исполнети законските услови ќе подготви и до Владата ќе достави предлог-одлука за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот ‘с.Иловица’, општина Босилово, согласно членот 51 став (1) алинеја 7 од Законот за минерални суровини“, стои во изјавата на Министерството за економија за Радио МОФ.

Активистката Милена Зафирова од „Здрава Котлина“ вели дека лично не знаела за жалбата, но, според неа, таа била очекувана.

„Мислев дека дури ќе го промашат и рокот, знајеќи какви се ‘Еуромакс’, и дека секогаш го чекаат последниот момент, тоа воопшто не ме изненадува. Дури и да поднесат жалба, немаат никакви правни основи за жалбата да им биде одобрена. Мислам дека се тоа е чиста формалност, секако ќе пробуваат. Си поднесуваат жалби, исто што беше и со ‘Казандол’ – поднесоа, но жалбата им беше одбиена, бидејќи немаа правен основ“, вели Зафирова за Радио МОФ.

Таа нагласува дека будно ќе го следат процесот, а истовремено очекува од Владата да си остане на првичната одлука.

„Да си ги почитува законите на државата, да го почитува мислењето и волјата на народот, како што цело време зборуваат. Доколку не се случи тоа, ќе продолжиме со блокади, како што беше планирано“, нагласува активистката.

Инаку, Владата на 4 јули објави дека е одбиено барањето за издавање дозвола за „Иловица“, откако е утврдено дека „Еуромакс“ не ги доставила сите потребни документи за екслоатација согласно Законот за минерални суровини.

М.К – Б.Ш.