„Ерос и Танатос“ – изложба на академската сликарка Весна Ничевска

Овој петок со почеток од 20 часот во Младинскиот културен центар ќе се отвори изложбата „Ерос и Танатос“ на академската сликарка Весна Ничевска.

Таа ќе се претстави со 40-ина дела со фигуративна, но експресивна содржина во различни техники; туш, акварел, акрилик, пастел и комбинирана техника.

Ничевска е родена 1977 во Скопје, дипломирала 2001 на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје во класата на професор Родољуб Анастасов.

Учествувала на повеќе групни изложби, стрип-фестивали, објавувана е во повеќе стрип-ревии и илустрирала повеќе детски приказни.

Ерос и Танатос, љубов и смрт, страст и болка, силите што го придвижуваат светот, силите на инспирацијата, волјата и ентузијазмот против непостоењето. Уметноста е тука да остави белег на кожата на голата егзистенција, на малограѓанскиот, досаден живот, белег па макар и крвав со ноктите на провокацијата. Јазикот на љубовта секој може да го разбере сѐ додека не се опира заробен во табуизираното општество, јазикот е симбол на провокација, на страст и бакнување.

Настанот ќе биде реализиран по соодветен протокол, запазувајќи ги препорачаните мерки за заштита.