Ердоган прогласи тримесечна вонредна состојба во Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи тримесечна вонредна состојба по обидот за државен удар минатата недела.

По завршувањето на синоќешната седница на владата во Анкара, тој изјави дека вонредната состојба не е против демократијата, владеењето на правото и слободите, туку е неопходен чекор за побрзо отстранување на заканите.

„Како врховен командант ќе се погрижам да бидат исчистени сите вируси во оружените сили,“ изјави Ердоган  и додаде дека европските земји немаат право да ја критикуваат одлуката за вонредна состојба.

Тој посочи дека е можно други земји да се вмешани во обидот за државен удар, без да прецизира кои се тие држави.

По обидот за пуч на 15 јули околу 60 илјади војници, полицајци, судии, јавни службеници и професори беа  суспендирани, приведени или се под истрага по неуспешниот државен удар.