Елтон Баџаку, режисер: Сакав да и дадам лице на ЛГБТИ заедницата во Албанија

Елтон Баџаку e независен режисер од Тирана, чиј филм „Скандал“ кој ја раскажува приказната за ЛГБТИ заедницата во Албанија ги руши стеротипите во модерното албанско општество. Во Македонија гостуваше на седмото издание на конференцијата „ENGAGE“, а во интервјуто за Радио МОФ зборува за своето искуство со снимањето на „Скандал“, за молкот во албанското општество, но и за филмската уметност во Албанија.

Во вашите филмови зборувате за правда, човекови права. Колку е тешко да се најдат вакви теми за докуметарци во современа Албанија?

Сега имаме многу повеќе можности да покажеме кои се проблемите во нашето општество, почнувајќи од нееднаквоста, ситомаштијата, начинот на кој капитализмот уништува многу од работите кои можеби би требале да ги заштитиме, а не само да ги предадеме на нешто што го нарекуваме прогрес, а не е. Има голема можност за да се извадат приказни од сето тоа што ни се случува , но многу е тешко за еден автор да излезе со нова и брилјантна идеа. Навистина е тешко да препознаеш и најдеш добра приказна, но истовремено ова е златен рудник со многу можност. Според мене, секој треба да биде фокусиран на она што сака да го направи, и да биде многу упорен во тоа, што знае да е тешко бидејќи живееме на Балканот, а Балканот е навистина фрустирачко место за сите, посебно за оние професии надвор од вообичаените. Тешко е да се живее овде,да се создаде семејство, одгледуваат деца и во исто време да се биде активист или критичар.

Колку луѓето во Албанија скаат гласно да говорат за проблемите во општеството? Дали се исплашени?

Луѓето се замолчуваат на два начина, прво поради тоа што не веруваат дека нивната критика нешто ќе  промени, или второ,  бидејќи се навистина исплашени да зборуваат. Работев на една приказна во Северна Албанија, каде некој решил да гради хидроцентрала и да ја уништи најубавата река што ја имаме. И всушност успеа да ја уништи. Луѓето таму не сакаа да зборуваат. Всушност почнаа да критикуваат на телевизија дека проектот ја уништува природата и сиот туризам, но човекот кој гради беше премногу моќен и почна да им се заканува. Веднаш ги замолче и луѓето не направија ништо бидејќи се исплашија, прво поради своите деца, поради бизниси кои ги работеа, поради семејството. Тие знаеја дека нема да бидат заштитени од државата или полицијата и едноставно се предадоа пред оној што има пари и моќ. И тоа е тоа, или немаш надеж, или навистина, навистина се плашиш дека некој ќе те повреди.

Во филмските кругови станавте познат по филмот „Скандал“ кој ја раскажува неверојатната приказна на неколкумина храбри луѓе кои го започнале ЛГБТ движењето и оние кои ги посветиле своите животи на ова движење. Колку беше тешко да се најдат луѓе кои од лична перспектива ќе зборуваат за ЛГБТИ правата?

Јас ја познавав заедницата бидејќи веќе имав направено краток документарец за нив, за еден геј и лезбијски пар. Потоа решив да ги замолам да направиме дилгометражен филм, со луѓе кои отворено ќе зборуваат и ќе го покажат своето лице. Беше навистина многу тешко да ги најдеме тие луѓе. Имаме голема заедница, но е скриена и има оправдани причини зошто е тоа така. Најчесто проблем се семејството и роднините, кои знаат да осудуваат, стравот дека ќе ја изгубат работат, статусот, семејството. Прашавме многу луѓе од заедницата, но не прифатија да учествуваат. Ги разбирав, знаев дека барам премногу. Не можам да барам од луѓе да истапат и да ја стават главата на гилотина, се обидував да им објаснам дека е важно да бидат во филмот, за така да им дадат надеж на другите. Успеавме да најдеме само шест луѓе од заедницата. Не сакав да имам лица во филмот со сокриен идентитет бидејќи мислам дека кога Албанците ќе видат замаглени лица и изменет глас си замислуват дека зад тие изјави се крие некакво чудовиште. Токму тоа сакав да го избегнам. Сакав да и дадам лице на ЛГБТИ заедницата, да покажам дека овие мажи и жени не се опасни, дека се обични луѓе кои само имаат поинаква сексуална ориентација.

Каква е состојбата со ЛГБТИ луѓето во Албанија и колку филмот помогна во кршење на стереотипите?

Мислам дека помогна. Веќе четири години се прикажува, на многу места низ Албанија. Хетеросексуалците кои го погледнаа филмот разбраа дека овие лица не се закана за нив. На ЛГБТИ заедницата пак мислам дека и помогна да стане дел од нешто, да се идентификува и да ја види историјата на движењето, им помогна да сфатат дека не се сами и не се очајни, дека има луѓе кои се борат и ќе продолжат да се борат.

Нештата се многу променети. Во комунизмот имало закон со кој хомосексуалните врски се сметале за криминал, се до 1996 година . По 2000 година ЛГБТИ луѓето стануваат повидливи, но дури пред 10 години активизмот веќе стана поефективен, луѓето си ги бараат своите права, се отвори дебата.  Младите генерации се поотворени, нештата се придвижија. Во Албанија треба да се одржи годинава седмата геј парада и ако се вратиме пред седум години кога на луѓето им фрлаа солзавец, денеска парадата расте, има поддршка. Се уште не е вообичаен настан, но станува нешто поприфатливо.

Колку е развиена филмската уметност во Албанија и како се снаоѓаат младите режисери?

Најголем проблем е буџетот, а парите се се помалку. Центарот за филм на пример, никогаш не би финансирал филм за ЛГБТИ права. Обично се финансираат филмови за туристичките убавини, дамнешната историја, за работи кои се поврзани со идентитетот на Албанците, што и да значи тоа… Тоа е спротивно на она што на пример се финансира во Европа. Другата работа е во тоа што филмаџиите во општеството се уште не можат да си го најдат патот, и мислам дека немаат надеж дека нешто ќе се промени. Дури и на луѓето кои прават филмови полесно им е да се вртат кон ветрот, да бараат дозвола за да направат нешто. Не се борбени.  Се вртиме во круг, ако нема пари, не се развива индустријата, ако нема индустрија, тогаш нема филмови. Филмовите се важни за sеќавањата, а ние изгубивме многу многу децении. Не ги снимивме случувањата кои следеа по падот на комунизмот, настаните од 1997 кога имавме еден вид граѓанска војна, трансформацијата на ова општество во демократско. Има многу приказни кои треба да се раскажат, но никој не го прави тоа. Штета е да се изгубат овие сеќавања, кои ако ги ставите на филм ќе останат засекогаш.

Колку новите технологии им помогнаа на режисерите во правење филмови? 

Сега е многу полесно да се продуцира и трошоците се пониски, за камера, светло, монтажа… Сепак , луѓето забораваат дека за правење филмови требаат професионалци, добри сценаристи, режисери, актери, инженери на звук… Но, треба да се платат професионалците. Технологијата помага, но не го менува процесот, суштината останува иста, на филмот ќе му требаат сите овие луѓе. Сепак, технологијата може да помогне. Познавам едно дете, од 14 години, кое има дрон и знае да го вози, поседува и камера што знае да ја користи. Неколкупати досега го најмив за снимање, а има само 14 години. За десет години тој ќе биде сигурно еден од најумешните кои работат со камера. Ова е една надеж, една придобивка од развојот на технологијата и се надевам дека ќе има уште вакви изненадувања. Никогаш не помислив дека сцени во филм ќе снимам и со Ајфон, но снимав. Сепак, ова не значи дека Центарот за филм на Албанија, треба да го има ова како мотив за недавање пари за тие што снимаат филмови.

Ј.Ј.