Енергичен настап на Фатумата Дијавара на „Оффест“

Расположена и преполна сала во Националната опера и балет и пораките испратени преку музиката го означија третиот ден на „ОФФест“.

Малијката Фатумата Дијавара испрати пораки за убавината на Африка и нагласи дека  нема само „војни и економски кризи“, туку ја пренесе и важноста на образованието и убавината на различностите.

Аудиториумот пулсираше заедно со ритмовите на една од водечките женски гласноговорнички на новата африканска творечка генерација. На крајот од настапот, голем дел од салата веќе беше на нозе, играше, довикуваше и ја вратија на бис Дијавара, која цело време возвраќаше со збирка живописни и оригинални композиции.

„Харизматичната и енергична Фату ни приреди концерт на кој долго ќе се сеќаваме!“, е коментарот на организаторите на „Оффест“.

Полнолетното, 18. издание на фестивалот за музиката од светот денес се сели во Младинскиот културен центар. Во денсинг салата е најавена т.н. „Балканска вечер“ со концерт на „Сондорго“, еден од водечките претставници на тамбурашката музика од Унгарија.

Исто така, ќе настапи и „Џамбо Агушеви Оркестра“, составот кој од скромните почетоци во малата Струмица, сега веќе ги освојува сцените ширум плататата.

Стартот на концертите е од 20 часот.