Емил Ниами изработи Речник на антоними во македонскиот јазик – вечерва е промоцијата

Во паркот пред Културно-информативниот центар – Скопје вечерва во 19 часот ќе биде промовиран Речникот на антоними во македонскиот јазик од Емил Ниами, издаден од Книгоиздателство Ми-Ан.

Во Речникот статиите се дадени во азбучен редослед на доминантата која избира антонимиски пар, кој се употребува најчесто и има најнеутрална симетрија во поглед на стилот и на семантичкиот полнеж. При толкувањата биле користени постоечките речници.

Промотори ќе бидат Симона Груевска – Маџоска и Мишел Павловски, а предвидена е и музичка изведба на Билјана Петровска – пијано.

Емил Ниами дипломирал на Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје на групите за руски јазик и книжевност и американски студии. Работи во А1 телевизија и во дневниот весник Време на различни позиции. Во 2007 година ја одбранил магистерската дисертација Паронимите во македонскиот во споредба со рускиот јазик.

Истата година заминува како лектор по македонски јазик на московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Во 2010 година ја брани докторската теза Антонимите во рускиот во споредба со македонскиот јазик. Од 2015 година работи во Рускиот центар при УКИМ. Тој е преведувач на голем број дела од уметничката литература, но и на публицистика. Автор е на голем број научни и научно-популарни трудови објавени во земјава и во странство. Негово поле на интерес се лексикологијата, лексикографијата, традуктологијата и социолингвистиката. Емил Ниами е автор на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик.