Електронското полагање на правосудниот испит сепак останува на собранискиот дневен ред

Иако Предлог-законот за правосудниот испит, кој беше поднесен од пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, беше повлечен, законското решение сепак останува на дневниот ред на Собранието, бидејќи како предлагач на речиси истата содржина се јавува Министерството за правда. Многу е извесно дека новите генерации правници, правосудниот испит целосно  ќе го полагаат по електронски пат, пишува Академик.мк. 

Предлог-законот за правосуден испит предвидува двата дела од испитot, теоретскиот и студијата на случај да се полагаат исклучиво електронски.

Електронското полагање на правосудниот испит сепак останува на собранискиот дневен ред

„Со оглед на развојот на информатичките технологии, се наметна потребата од унапредување на начинот на полагање на правосудниот испит што е сторено со предлагањето на овој закон. Во него се вградени и позитивните искуства од воведувањето на слични испити во рамките на Министерството за внатрешни работи кои се полагаат преку електронски пат. Исто така, при изготвувањето на законот се земени предвид одредени решенија кои се однесуваат на студиите на случај содржани во законодавството на Соединетите Американски Држави за полагањето на Bar Exam. Сметаме дека редизајнирањето на начинот на полагање, програмите кои се исклучително опсежни и комплементарни со бројните меѓународни стандарди и компаративни искуства, ќе придонесе за развивање на практичните вештини на кандидатите кои ќе го положат испитот. Исто така со предложениот закон ќе се подигне квалитетот на положените кандидати како и степенот на подготвеност на кандидатите при полагање на испитот“, се наведува во материјалот на законот.

Базите на прашања за првиот и базите на студии на случај за вториот дел на испитот, согласно Предлог-законот, ги изготвуваат едукаторите во Академијата за судии и јавни обвинители, а ги верификува Комисија составена од: претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Јавниот обвинител на Република Македонија, претседателот на Апелациониот суд Скопје, претседателот на Апелациониот суд Битола, претседателот на Апелациониот суд Штип и претседателот на Апелациониот суд Гостивар.

Првиот дел од испитот содржи 50 прашања со пет опции за заокружување од кој едната е точна, две се слични, едната е неточна во мал обем и една е неточна во голем обем. Вториот дел од испитот се состои од две студии на случај по предметите кривично право (кривично материјално и процесно право) и граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право). Прашањата кои се составен дел од студиите на случај се од областа на предметот на кој е заснована студијата на случајот и имаат десет можни опции на одговори од кои едната е точна, пет се слични и четири се различни.

Полагањето на првиот дел од правосудниот испит се врши со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер. Прашањата од тестот зависно од тежината, се вреднуваат со поени определени во тестот. Полагањето на вториот дел од правосудниот испит се врши со проучување на студиите на случај и одговарање на определен број прашања кои произлегуваат од студијата, во вид на електронско софтверско решение“, се вели во образложението на Предлог-законот.

На кандидатот за време на полагањето на првиот и вториот дел од испитот не му се дозволува да контактира со други кандидати или лица освен со информатичарот во случај доколку има технички проблем со компјутерот. Ако техничките проблеми со компјутерот бидат отстранети за пет минути испитот продолжува, а доколку не бидат отстранети во овој рок испитот само за тој кандидат се прекинува и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на испитот. Ако има проблеми со повеќе од пет компјутери и тие не бидат отстранети во рок од пет минути испитот се прекинува за сите кандидати што го полагаат испитот и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на испитот.

Целиот текст посветен на новиот предлог-закон за правосуден испит прочитајте го на Akademik.mk.