Еко-свест: Праведната транзиција на регионите со јаглен да започне веднаш

Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ бара да се забрзаат процесите за транзиција на термоелектраните на јаглен кон обновливи извори на енергија, но и транформирање на економијата во регионите со јаглен за никој да не остане без работа и егзистенција.

Оттаму ја потсетуваат Владата на нејзините амбициозни цели во секторите енергија и клима кои ги зацрта минатата година.

„Реалноста е дека ние немаме повеќе време да се лажеме дека можеме да ги одржуваме термоелектраните на јаглен во земјава, немаме ниту јаглен ниту финансиски средства за одржување на сите вработени во тие термоелектрани бидејќи има превработеност. Не можеме да си дозволиме ниту да продолжат да работат како досега, без потребниот десулфуризатор, бидејќи луѓе ни умираат од канцерогени заболувања секој ден, особено во Битолскиот регион“, велат од Еко-свест.

Според нив, за да се спасат Кичевскиот и Битолскиот регион од замирање потребно е веднаш да започне процесот на долгорочно планирање на праведната транзиција. Процес во кој, како што велат, активно треба да учествуваат работниците, синдикатите, локалното население, малите и традиционални бизниси, граѓанските организации и локалните власти од овие региони.

Посочуваат дека се потребни анализи на работоспособното население во регионите и можности за развој на алтернативни економски гранки за да се обезбеди понатамошен развој на овие региони.

„Владата има должност да не ги заборави граѓаните од овие региони и да мобилизира финансиски средства во насока на реализација на зацртаните цели во План за праведна транзиција кој мора итно да се донесе. Властите мора да бидат апсолутно транспарентна со сите засегнати чинители. Приватните бизниси можат да помогнат, локалното население е заинтересирано да произведува електрична енергија од сонцето со поставување фотоволтаици на кровови на домаќинствата, бизнисите и јавните згради- потребна е доверба. Одговорноста и на локалните власти во подршка и фасилитирање на овие процеси е огромна“, стои во реакцијата на Еко-свест.

Во пресрет на локалните избори, од организацијата забележуваат дека за Кичево и Битола ќе биде важна енергетската транзиција и обезбедување зелен економски раст и развој на овие региони, но и здрави граѓани.

„Се надеваме дека Владата ќе биде партнер и ќе го реализира ветеното“, велат од Еко-свест.