Еко-активистите лути на прозивките од Град Скопје бидејќи не дојдоа на поставувањето филтер во „Дрисла“

Ставањето филтер на една од печките во депонијата „Дрисла“ создаде тензии меѓу Град Скопје и невладините организации чии претставници не дојдоа на Отворениот ден во депонијата. Како што велат од Град Скопје, од 11 поканети граѓански иницијативи и невладини организации, три им одговориле дека нема да можат да присуствуваат, за на крајот без известување да не дојде ниту еден претставник на граѓанскиот сектор и покрај обезбедениот превоз до депонијата.

Реакциите пламнаа кога на социјалните мрежи, Влатко Васиљ од Кабинетот на градоначалникот, ја искритикува незаинтересираноста на активистите.

„Свесен сум дека ова не го решава во целост проблемот со загадувањето, но чудно ми е како може ваков настан да наиде на толкава незаинтересираност кај еко здруженијата и активистите коишто беа едни од најголемите борци за поставување на нов филтер на печката во Дрисла“, напиша на својот ФБ профил, Влатко Васиљ.

На ваквите обвинувања се одзва, активистот и креатор на страницата „Мој Воздух“, Горјан Јовановски.

„Соопштение ни пративте помалку од 24 саати пред настанот, и очекувате некој да ви дојде на вашиот отворен ден? Учтиво ви спомнавме дека треба порано да кажувате, но вие се дрзнавте јавно да не прозивате дека НИЕ сме за нигде?“, напиша тој.

Реагираа и од „Скопје смог аларм“, од каде посочуваат дека поканата била испратена вчера попладне, како и дека за нив е непрофесионално, надлежните кои се платени од граѓански пари да ги прозиваат граѓаните кои работат волонтерски за подобрување на животна средина.

„Една педа да имате од нашата искрена борба за чист воздух ќе ви биде повеќе од доволна да знаете дека сме киснеле по општини, улици и од срце се боревме. Едно е вашето неисполнување на основниот постулат на вашата кампања која се базираше само на „Чист воздух“, а сосема друго е дали може еден вработен човек да присуствува на отворен ден. Не гледам проблем. Ако вие ги завршите вашите обврски кон народот зошто се мечувате со еко-организациите? Не кревајте рака на оние кои неуморно работат на подигање на свеста кај народот, а за возврат не добиваат работни позиции во Владата“, посочи Мерима Кондов, од „Скопје смог аларм“.

На „Дрисла“ денеска беше пуштен филтерот за печката на медицински отпад кој ги апсорбира штетните честички кои се испуштаат во воздухот, а која откако е поставена, веќе 2 децении работеше без филтер. Депонијата беше казнета со 8.500 евра на почетокот на годинава, откако државниот инспекторат за животна средина констатираше дека не ги почитува протоколите за горење медицински отпад. Филтерот требаше да биде поставен  во месец март, но рокот се пролонгираше до денешниот Отворен ден на Дрисла, за новинари и активисти.