Еко-активисти ја тужат бугарската влада пред ЕУ поради уништување на дивината во Кресна

Правници и еколошки организации од Бугарија и повеќе европски земји денеска испратиле допис до Европската Комисија да преземе правни средства против бугарската влада поради уништувањето на дивиот свет во Кресненската клисура која е едно од природните заштитени подрачја на Европската Унија.

Нова научна анализа открива дека заштитените лилјаци од ова подрачје се намалиле за 92%, додека бројот на загрозените желки и змии опаднал за 60%, а некои растенија можеби и целосно исчезнале во Кресненската клисура. Причина за ова е зголеменото присуство на камиони и автомобили во природниот појас, кои се движат од едниот на другиот крај на клисурата поради изградба на делница од автопатот „Струма“, кој се гради со средства на ЕУ и е дел од европскиот Коридор 4.

Претставката до Европската Комисија во детали ги презентира сите нарушувања на ЕУ директивите за природни живеалишта за време на градбата на автопатот.

„Неприфатливо е дека уникатниот див свет на Кресненската клисура се уништува од оние кои се должни да го штитат Европското право. Доколку Европската Комисија не преземе мерки, ситуацијата може да ескалира до тоа ниво повеќе да нема див свет за да се заштити на таа локација“, вели Евелина Тајлек-Бакаларз, адвокат за ClientEarth.

Кресненската клисура, која се наоѓа во југозападниот дел од Бугарија, е класифицирана како Европска природна точка поради нејзините уникатни карактеристики и природен диверзитет. Локацијата има најголем биодиверзитет во Бугарија, со популација од 92 различни заштитени видови.

Европскиот правобранител оваа недела објави дека ќе изврши инспекција на тоа како ЕУ Комисијата реагира во случајот со Кресненската клисура.