Еко-активисти: Целата територија на Парк-шумата Водно е подложна на ерозија, потребна е алтернативна траса за гасоводот

Иницијативата Го сакам Водно објави карта на која велат се прикажани ерозивните подрачја на територијата на Парк-Шума Водно.

„Со црвена линија е трасата на гасоводот, со портокалови кругови е каде таа оди низ ерозивно подрачје. Впрочем, од приложеното се гледа дека целата територија на Парк-Шума Водно е подложна на ерозија“, соопшти иницијативата.

Имајќи ја во предвид ерозијата, тврдат активистите, јасно е дека проблематичен дел е и искачувањето на гасоводот до сртот, со што се загрозуваат селата Горно и Долно Соње и самото Сопиште.

„Без разлика, колку и да се тврди дека при искачувањето на гасоводната траса е водено сметка да се минимизира водењето низ шумски појасни, со истата „заглавиле“ во силно ерозивно подрачје. Проблематичен е и спустот на гасоводната траса, кој има пад од 41% и со тоа го загрозува с. Шишево, но и Крушопек. Самата природа на теренот и секоја логика велела ’НЕ НИЗ ВОДНО’“, реагираат активистите.

Според иницијативата, при изработка на физибилити студијата и Идејниот проект очигледно не се земени во предвид ерозивните подрачја на Водно, како и фактот дека целата територија на Водно претставува подрачје загрозено од ерозија.

„Врз основ на овој пропуст, проектантите кои го разработувале Основниот проект, оневозможени да извлечат точни и прецизни заклучоци, и немајќи ги на располагање сите факти, гасоводот го сместиле на Водно. Имаме информации дека како проектанти и консултанти на Основниот проект, работеле и лица од надвор, кои очигледно не биле запознаени со историјатот и специфичноста на Водно, како и неговото значење за Скопје и скопјани“, велат од Го сакам Водно

Поради ова, активистите бараат изборот на трасата повторно да се разгледа и да се изнајде алтернативно решение за Делница 5 која нема да поминува низ територијата на Парк-Шума Водно.

Инаку, и покрај реакциите и анализата од бројни граѓански иницијативи за потенцијалните штети и последиците по заштитеното подрачје и Скопје, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека трасата останува иста и „ќе биде минимизирано какво било оштетување, кое ќе биде компензирано“.

„И да се избере нова локација и траса, на неа пак ќе се испречи дрво и друга природна убавина, која ќе треба да биде санирана. Она што е направено со интервенции во постојните траси на градење е максимално избегнато да се оштетува шумата на Водно и тука ќе биде минимизирано какво било оштетување. Тука Владата ќе биде многу ригорозна преку своите механизми во санирање на таквата состојба и компензирање на се што ќе биде оштетено”, рече Анѓушев.