Еко-акција, дискусија и музика на „Фестивал за обнова на Домот на култура – Ченто“

Населбата Ченто порано имаше прекрасен дом на културата што го посетуваа илјадници луѓе низ годините. На површина од цели 2.800 метри квадратни, бина од 85м2 и сала со 328 седишта, овој простор биеше како културно срце на населбата. На огромна штета на илјадници граѓани на Скопје, веќе 25 години Домот на културата е мрачно, руинирано, неупотребливо место.

Вака Здружението „Културано ехо“ го најавува претстојниот „Караван на културата – Фестивал за обнова на Домот на култура Ченто“, кој ќе се одржува во недела (19 мај).

Овој еднодневен културно-едукативен настан има за цел да покрене иницијатива за обнова на напуштенот Дом во Ченто, преку вклучување на локалната власт, граѓанските организации, уметниците и локалните жители.

„По примерот на многу европски метрополи, на Скопје и на другите градови низ Македонија, потребна им е стратегија за решавање на сложениот проблем со руинираните објекти, во чии просторни капацитети може да се направи соодветна интервенција и да се оспособат за нова функционална програма, според потребите на граѓаните“, соопштуваат од „Културно ехо“.

Според програмата, од 10:30 до 12:30 часот ќе се одржува еко-акција за расчистување на внатрешноста на руинираниот Дом и симболично метење на театарската сцена.

Во 13 часот следува панел-дискусија во паркот „Методија Адонов Ченто“ на тема: Како од напуштен објект до мултифункционален и самоодржлив културно-едукативен простор, надвор од центарот на градот?

Фестивалот ќе заврши со музика – тапани и перкусии на Дамјан Грујо, настап на „Man In a Suit“ од Куманово, а од 17:30 e закажан диџеј сет на Ненад Стефановски од „Foolish Green“. Во склоп на музичката програма ќе се одржи работилница за перкусија за сите заинтересирани.

Настанот е бесплатен и е поддржан од Град Скопје и Општина Гази Баба.

Локацијата е паркот „Методија Андонов Ченто“, кој се наоѓа помеѓу булеварите „Ченто“ и „Маџари“.

Инаку, „Културнo ехо“ е меѓународна, невладина и независна организација со седиште во Република Северна Македонија. Со осврт кон архитектурата и други уметности, па се до компјутерските и правните науки, мисијата на организацијата е да ја промовира корпоративната урбана и еколошка одговорност; повторно откривање, редефинирање и решавање на заедничките прашања преку конвенционални стратегии и нови перспективи за создавање на одржлив урбан, социјален, општествен и културолошки развој.