Екипата на „Медена земја“ по номинациите: Академијата го препозна крикот на планетата

По официјалните две номинации за „Оскар“ на македонскиот документарец „Медена земја“, со свое видување се јавија и од екипата на филмот. Се заблагодаруваат на членовите на Американската Академија (AMPAS) за тоа што го вклучи „Медена Земја“ во, како што велат, трката за најпрестижната филмска награда на светот.

„Преку жената која случајно ја сретнавме, пред светот се отвори приказна – алегорија на една глобална слика каде хуманото и натуралното се борат да преживеат. Атиџе и пчелите се прототип за новиот генетски материјал, кој треба да победи во битката на титаните, каде природата се бори со деструктивното. Среќни сме дека светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот, преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето“, соопшти екипата на филмот.

Екипата потенцира дека ова е прв пат во историјата на „Оскарите“ документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку, велат тие, истово потврдува дека документариот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација.

„Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот. Големо е достигнувањето на филмот. Големи се фестивалите, кои го слават и величаат. Но, уште поголема треба да биде промената на која се надеваме. Таа промена тргнува од секој од нас поединечно. Филмот повикува на скромност, а кога ја гледаме љубовта во очите на гледачите, силно веруваме дека пораката е препознаена и дека скромноста е новото време низ кое со радост ќе зачекориме. Уште еднаш, бескрајна благодарност до членовите на Акедемијата што филмот го нарекоа – МАТЕРИЈАЛ ЗАСЛУЖЕН ЗА ОСКАР“, се вели во соопштението на тимот на Медена земја.

Тимот на Фејсбук објавија и видео од Еквадор, од моментите на радост кога беа објавувани номинациите: