Една од членките на „Pussy Riot“ почна штрајк со глад во затворот

Една од членките на рускиот панк-бенд „Pussy Riot“, Надежда Толоконикова изјави дека почнува штрајк со глад, како протест против „ропскиот труд“ на кој била приморувана во казнената колонија во која ја издржува затворската казна. Таа исто така се пожалила дека еден од офицерите во затворот и се заканувал со смрт.

Толоконикова беше осудена на двегодишна казна затвор во август 2012, откако за време на  антивладините протести, заедно со другите членки на бендот одржаа „панк молитва“ насочена против претседателот на Русија Владимир Путин, во црква во Москва.

„Од 23 септември, почнувам штрајк со глад и одбивам да учествувам во ропски труд. Ова ќе го правам се додека администрацијата не почне да го почитува законот и не престане да се однесува со затворените жени како со стока“, напиша Толоконикова во писмо што до медиумите го проследи нејзиниот сопруг, Пјотр Вержилов.

Таа е во казнената колонија број 14, во регионот Мордовија, југоисточно од Москва, каде што според нејзините зборови, жените се принудени да шијат полициски униформи по 17 часови дневно.

Според Толоконикова, на затвореничките-работнички не им се дозволуваат повеќе од четири часа спиење, а атмосферата е слична на онаа во советските гулази од минатиот век. Таа вели дека колективното казнување, зголемувањето на нормите и насилството е секојдневие во колонијата.

Управниците на колонијата и властите не ги коментираа обвинувањата на затворената панкерка.