Една на секои осум жени во Македонија може да развие рак на дојка, лани починале 279 жени

Од рак на дојка во Македонија годишно умираат 279 жени, или 27 на 100.000. Најголем број од смртните случаи се на возраст од 55 до 59 години. Ова значи дека една на секои осум жени може да развие рак на дојка.

Минатата година биле регистрирани 218 случаи на рак на дојка кај жени и четири кај мажи. Петнаесет нови случаи се пријавени кај млади жени на возраст под 40 години.

Ова денеска го истакна Институтот за јавно здравје на Република Македонија по повод „Октомври – Месец за свесноста за рак на дојка”.

Од Секторот за промоција, анализи и следење на незаразни болести при Институтот за јавно здравје велат дека е изготвен план на активности според кои подготвиле плакати, брошури и упатство за самопреглед на дојките кои преку десетте центри за јавно здравје се дистрибуираат до речиси сите здравствени установи.

Жените на возраст од 50 д 69 години кои немаат симптоми имаат можност да направат бесплатен мамографски преглед заради евентуално откривање на ракот на дојка во неговиот претклинички стадиум.

Предност имаат жените кои ќе бидат повикани, а немаат регулирано осигурување. Доколку не успеат да добијат термин оваа година, програмата продолжува и следната година, информираат од Институтот.

Мамографски прегледи се прават во 22 јавни здравствени установи, во Здравствената станица Железара, девет здравствени домови, осум општи болници, три клинички болници и во Универзитетската клиника за радиологија каде има дигитални и аналогни мамографски апарати.