„Една година тишина“ – протест на организаторите на настани во понеделник пред Владата

Под мотото „Помен – една година тишина!“ Асоцијацијата на ивент индустријата во понеделник (1 март) од 12 часот ќе одржи протест пред Владата на кој ќе го изразат своето незадоволство од тоа што точно една година откако започна забраната за одржување јавни настани што предизвика сериозни последици по оваа индустрија.

„Со овој собир сакаме да го свртиме внимание на Владата но и на јавноста за состојбата во нашата дејност која навистина е голем губитник од пандемијата. За жал, ние како дејност немаме никаква помош од страна на нашата држава. Ниту сме препознаени и разбрани како сектор, а без помош и поддршка не е возможно да опстанеме после цела година неработење. Деновиве сме сведоци на зголемен број на заболени, што сериозно не загрижува бидејќи тоа значи дека уште долго нема да можеме да отпочнеме со работа. Како одговорни граѓани и компании, сметаме дека е неумесно да бараме да одржуваме јавни настани при ваква состојба. Ние не правиме тајни настани, не ги прекршуваме законите и прописите и не ѝ создаваме проблеми на пазарната инспекција. Затоа, сметаме дека немаме друг избор освен Владата да изнајде начин и да му помогне на овој сектор“, велат од Асоцијацијата.

Тие додаваат дека иако во последниот владин пакет мерки се наменети средства за секторот за организација на настани моделот кој е предложен ниту им е јасен ниту имаат најава кога би се реализирал.

„Ние понудивме неколку модели за помош, но ниту еден од нив не бил земен пред вид и понуден е целосно нов, нејасен модел без рокови и јасни правила што остава простор за сомнеж во неговата правичност и намена. За жал изведувачките уметности, музиката и јавните настани се вториот најголем губитник од Ковид пандемијата во Европа и светот, според последното истражување на европската агенција EY Consulting, веднаш зад авио транспортот и според истражувањата, закрепнувањето на оваа важна општествена гранка мора да биде сериозно поддржано и помогнато од локалните влади“, додаваат од Асоцијацијата.

Организаторите најавуваат дека на собирот ќе се почитуваат сите протоколи за заштита од пандемијата.