Една година РИКО – Mладите од септември ќе може да аплицираат со свои проекти

Регионалната канцеларија за млади, која се формираше минатата година, ќе го отвори својот фонд за финансирање на заеднички проекти на младите од Балканот почнувајќи од септември. Овој фонд ќе служи за реализирање на идеите на младата генерација, но и за нивно мултикултурно здружување.

Амбасадорите на Австрија,Германија,Франција и Италија го нарекоа РИКО успешна приказна, бидејќи покажало дека постои континуитет на напорите за поддршка на младите.

„Ние сме среќни што гледаме дека РИКО стана вистинска балканска организација, создадена од шест држави и претежно основана од нив во период на скратени средства. Европската Унија се посвети да го одржува овој напор така што мислам дека има вистински организациски дух”, рече францускиот амбасадор во Македонија Кристиан Тимоние.

За ова им се заблагодари на младинските организации, за кои рече дека успеале правилно да ги насочат нивните капацитети во критични периоди.

„Мора да ги протресете младинските организации, бирократијата и да дадете младински проекти, бидејќи иднината е ваша”, посочи тој.

Сепак, на прашање на Радио МОФ упатено до амбасадорите за тоа што мислат во врска со контроверзниот избор на македонскиот претставник во Канцеларијата, тој одговори со француската поговорка „Не е важно дали шишето е овде, се додека остануваме испијанети” (“Peu importe le flacon, tant qu’il y à l’ivresse”).

Новиот директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, смета дека ова е голема шанса да се ангажираат младите кои ги имаат истите проблеми.

„Ни треба долготрајна стратегија за поддршка на младите и за тоа како да им се помогне на македонските таленти”, рече тој.

Агенцијата за млади и спорт ќе биде главен партнер, отворена за соработка“, вети Каевски.

„Мислам дека младите се запознаени со работата на организацијата,но не е доволно. Како Агенција за млади и спорт ќе работиме дополнително за запознавање со придобивките што ги нуди организацијата”, додаде новиот директор.

Изборот на македонската претставничка во Регионалната канцеларија, Бојана Наумоска, наиде на голем отпор кај повеќе младинските организации, кои лани излегоа на протест тврдејќи дека таа е нелигитимна бидејќи на незаконски начин е избрана.

„Да, точно е дека постоеја некои работи во врска со мојот избор”, потврди Наумоска.

„Но, и покрај работите што се случуваа во изминатиот период, ние одржавме сесии и на тој начин успеавме да ги известиме дел од организациите за тоа што е РИКО и која ќе биде неговата функција во наредните години. Сепак, не успеавме да дојдеме до поголема публика”, продолжи таа.

Во однос на отворањето на канцеларијата, Наумоска информира дека од технички аспект се е подготвено, но се одложиле некои работи поради политичката ситуација.

Германската амбасадорка Кристине Алтхаузер, пак, се надева на голем почеток.

„Во Македонија има многу нови можности, многу позитивно размислување. Мислам дека за време на оваа еуфорија за реформи, искористете ја можноста и направете да успее РИКО”, им се обрати на младите.

Инаку, Канцеларијата е дел од Берлинскиот процес и ќе биде финансирана од владите на земјите во Западниот Балкан и од Европската Унија, која веќе обезбедила 400 000 евра за идните проекти.

Од четврти јули Канцеларијата ќе има веб-страница преку која младите во Македонија ќе може да се информираат за можностите што таа ги нуди, а кои опфаќаат проекти од културата, спортот, образованието, како и младинска размена. Првиот повик за проекти ќе биде објавен во септември.