Ѕирнете во „Музејот на раскинати врски“ од 17 јануари во МКЦ

Од 17 до 31 јануари, во МКЦ – Скопје, македонските граѓани ќе можат да ѕирнат во интимата на луѓе од разни краеви на светот, кои одлучиле да се збогуваат со својата поранешна љубов, ослободувајќи се и од некој предмет кој што силно ги потсетува на неа, на изложбата насловена „Музејот на раскинати врски“.

Изложбата која ќе биде отворена во 20 часот, во рамките на одбележување на Денот на уметноста на МКЦ, се враќа во Скопје по 11 години.

Музејот на раскинати врски го создале Олинка Виштица и Дражен Грубишиќ од Хрватска, кои откако ја прекинале нивната љубовна врска решиле да ги изложат оние предмети што ги потсетуваат на нивното заедничко минато.

Музејот на раскинати врски изобилува со меморабилии од прекинати релации, кои се од најразличен карактер. Од писма, плишани мечиња, суви цвеќиња, облека, до велосипед, кој бил подарок од поранешниот партнер, пенкало со кое се напишани најромантичните писма, до малечка секира со која се демолирал мебелот на поранешниот љубовник.

Музејот на раскинати врски на еден креативен начин обединува приказни за кои можеби првиот впечаток би бил дека се тажни, но некои од објаснувањата покрај самите објекти слатко ќе ве насмеат.

Овој уникатен уметнички концепт, првично има за цел да ја ослободи енергијата, која ја носат разните предмети поврзани со некаков прекин, крај, но и истите тие предмети да ги конзервира во едно заедничко место, таканаречен мавзолеј на скршените срца.

Колекцијата на музејот веќе ја имаат видено илјадници луѓе низ светот, а благодарение на тоа, музејот доби свои простори со редовни поставки во Загреб и во Лос Анџелес. Порталот www.travelnerd.com го вброи меѓу 10-те светски најчудни музеи, а во 2011 музејот ја доби и наградата Kenneth Hudson за најиновативен музеј во Европа.

Организаторите истовремено ги повикуваат заинтересираните да донираат свои спомени во Музејот на раскинати врски.
Предметите можат да се донираат анонимно, со придружен кус текст до утре, 14 јануари. За повеќе детали пишете на info@mkc.mk.