Движењето „Протестирам“ бара оставки и одговорност од Владата и Груевски

Активистите и граѓаните кои изминатите денови протестираа и обвинија за заташкување на случајот Мартин Нешковски од страна на владини функционери, вчера одржаа мирен собир на кој ги договорија следните чекори на движењето „Протестирам“.

На собирот во Градскиот парк во Скопје, кој исто така имаше за цел да им оддаде почит на настраданите во Куманово и да изрази солидарност со граѓаните на Куманово, тие упатија порака за смирено и трезвено делување во периодот кој следи.

„Притоа, порачуваме дека најискрениот бран на самоорганизирано граѓанско незадоволство нема да запре! Ние веќе не чувствуваме страв, туку само гадење од авторитарната власт и нивните мрачни сценарија! Ние бараме мир и правда, а тоа може да се случи само ако тие си заминат! Веднаш! Токму затоа, нашите барања се: итна оставка и преземање одговорност на целата Влада, итно ослободување на сите активисти притворени од 5 мај наваму и Влада за демократизација на институциите“, се вели во соопштението на движењето, кое доби и своја официјална Фејсбук-страница.

Граѓаните од „Протестирам“ денеска, на вториот ден на жалост поради настраданите во Куманово, во 18:00 часот, ќе се упатат кон зградата на Владата со порака за мир и правда и ќе изразат сочуство за загинатите.

„На улица ќе бидеме секој ден, до конечна победа.Нашиот гнев и револт тлее и се таложи со години наназад. Ние сме на браникот против секоја неправда – без оглед дали тоа е системската бруталност, лошите реформи во високото и средното образование, или државниот рекет врз хонорарците. Протестиравме и за слободата на печатот, во поддршка на медиумските работници, и побаравме ослободување на јавниот сервис и негово враќање на граѓаните. Баравме одговорност за уништениот систем на јавно здравство. Континуирано се бориме за достоинствен живот и работнички права и протестираме против грабежот, сиромаштијата и понижувањето на народот!

На 5 мај стана јасно: тие нема да си дадат оставки, обвинителството нема да ги гони, а јавниот сервис секогаш се става на нивна страна. Пред три дена, кога граѓанските протести зедоа замав и се проширија низ повеќе градови во државата, во Куманово се случи вооружен инцидент.

Граѓаните што ги следат настаните, меѓу нив и жители на Куманово, зборуваат за контрадикторности, недоследности и манипулации, според кои постои голем сомнеж за природата на настаните во Куманово. Во официјалната верзија за вооружениот инцидент, граѓанскиот сектор увиде големи пропусти, па затоа бараме да се одговори на мноштвото прашања кои ги бараат сите гласови во општеството поради загубата на животи и загрозување на општата безбедност.

Ние сме побројни, посплотени и посолидарни од кога било претходно. Ги повикуваме сите граѓани на Република Македонија кои не можат веќе да ја трпат неправдата, бедата и мрачните манипулации на власта, да ни се приклучат, за заедно, во надетничкото, натпартиското, автентичното граѓанско движење за правда и мир! Ќе победиме!“, се вели во соопштението на #Протестирам.