Две работни саботи за учениците поради аерозагадувањето, наставниците треба двојно да одработуваат

Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) реагира што е променет календарот за работа во основните и во средните училишта, па утре (16 март) и следната сабота (23 март) се прогласени за работни во образованието.

„Очигледно е дека, и покрај најавите и ветувањата, на повидок не се никакви позитивни промени на лошите практики во образованието. Иако беше заклучено дека организирањето настава во саботи не е функционално, повторно се најавени работни саботи- 16 и 30 март. Притоа, налогодавачот заборава дека деновите во кои учениците беа ослободени од настава поради енормното загадување, беа работни за нас, вработените во образование“, посочуваат од синдикатот.

Оттаму се децидни дека измените во работниот календар за учебната ги кршат правата на наставниците.

„Пак сме доведени во ситуација двапати да одработуваме исти денови – бевме на работните места на 21 и 22 јануари, а сега ни се одземаат, без надомест, вообичаено, две саботи“, додаваат од НСОН.

Дополнително укажуваат дека при донесувањето на ваквата одлука не е земено предвид дека во тек се голем број општински и регионални натпревари кои се одржуваат во саботите и оти со одржувањето на наставата во саботи ќе настане хаос во училиштата.

Второто полугодие од тековната учебна година почна со две дена задоцнување, бидејќи учениците беа ослободени од училиште поради енормното аерозагадување во неколку македонски градови. Наставниците одеа на работа.