Две години „Тетово на точак“, роденденска Критична маса 25#

Неформалната група „Тетово на точак“ слави две години постоење. Тие во сабота (25 април), со почеток од 17 часот ќе одржат роденденска 25-та Критична маса пред платото на Културниот Дом во Тетово.

„Почнуваме со возење низ градот во 17 часот од плоштадот во Тетово за потоа заедно сите да се забавуваме со High Control и Këpurdhat!“, најавуваат организаторите преку Фејсбук.

#ТетовоНаТочак e иницијатива на млади велосипедски ентузијасти и граѓански активисти кои што настојуваат да направат промена во својот град со цел да обезбедат услови за слободно и непречено користење на велосипедот како основно превозно средство. Оваа група е инспирирана од НаТочак (Скопје) и повеќе слични иницијативи низ целиот свет.

Ваквиот начин на здружување веќе две години е со цел да се создаде Критична Маса на луѓе кои што возат или сакаат да возат велосипед. Воедно, да се поттикне културата за користење на велосипедот како основно превозно средство, подигање на свеста за бенефитите од возењето велосипед, како индивидуални, така и за локалната заедница, како и вршење притисок на локалните власти за обезбедување на подобри услови за возење велосипед во Тетово.