Двајца новинари на „Ројтерс“ осудени на седум години затвор во Мјанмар

Судот во Мјанмар осуди двајца новинари на „Ројтерс“ на седум години затвор за прекршување на Законот за државни тајни додека истражувале насилство врз малцинството Рохинџи.

Ва Лон и Куав Сое О, државјани на Мјанмар, беа уапсени додека носеле официјални документи кои штотуку им биле дадени од страна на полициските службеници.

Тие ја бранат својата невиност, велејќи дека биле наместени од страна на полицијата.

„Не ми е страв”, рече Ва Лон, еден од двата новинари, по пресудата. „Не сум сторил ништо лошо. Верувам во правдата, демократијата и слободата”.

Двајцата мажи, кои имаат и семејства со мали деца, се наоѓаат во затвор од нивното апсење во декември 2017 година.

„Денес е тажен ден за Мјанмар, новинарите на „Ројтерс“ Ва Лон и Куав Сое О и слободата на печатот насекаде”, рече главниот уредник на „Ројтерс“, Стефан Адлер.

Двајцата новинари се граѓани на Мјанмар кои работеле за меѓународната новинска агенција.

Судијата Је Луин изјави пред судот во Јангон дека парот „имал намера да им наштети на интересите на државата”.

„Така тие се прогласени за виновни според актот за државни тајни”, рече тој.

Ва Лон, 32 години, и 28-годишниот Куав Сое О, собирале докази за убиството на 10 мажи од страна на армијата во селото Ин Дин, во северниот дел на Ракајн.

За време на нивната истрага, им биле понудени документи од двајца полицајци, но веднаш потоа биле уапсени за поседување на тие документи.

Властите подоцна започнаа сопствена истрага за убиствата, потврдувајќи дека се случил масакрот и ветувајќи дека ќе преземе дејства против оние кои учествувале.

Пресудата беше широко критикувана од страна на организациите за човекови права.

„Ние сме крајно разочарани од оваа пресуда”, рече британскиот амбасадор во Мјанмар, Дан Чуг.

Американскиот амбасадор Шкот Марсил ги повтори истите критики, велејќи дека одлуката на судот е „длабоко вознемирувачка за сите што толку тешко се бореа за слободата на медиумите”.

Постојаниот и хуманитарен координатор на ОН во Мјанмар, Кнут Остби, рече дека ОН „постојано повикува на ослободување” на новинарите и дека „слободата на печатот е од суштинско значење за мирот, правдата и човековите права за сите. Ние сме разочарани од денешната одлука на судот”.

„Срамните пресуди ја покажуваат подготвеноста на судовите во Мјанмар да ги замолчат оние што известуваат за воени злосторства”, рече Бред Адамс, директор на „Хјуман рајтс воч“ во Азија.

Пресудата доаѓа една година откако милитантна група од редовите на Рохинџи нападна неколку полициски станици.

Војската одговори со брутална акција против малцинството Рохинџи.

Медиумскиот пристап до Рахин строго е контролиран од страна на владата, па затоа е тешко да се добијат сигурни вести од регионот.