Два случаи на сурово насилство врз животни, „Анима Мунди“ бара истрага и казни за сторителите

Два случаи на насилство врз животни се извршени во ист ден, едниот во Зелениково, другиот во Велес.

Во Зелениково, граѓани снимиле повозрасна личност како со ножици сече уши на куче во дворот. Во Велес, пак, малолетник крвнички удира кутре.

И за двата случаи, здружението „Анима Мунди“ бара итна истрага и казна за сторителите.

Од здружението информираат дека и за двата случаи известена е полицијата и АХВ, а за случајот во Велес дополнително ќе ги известат и социјалните служби.

„Ова веќе е црвен аларм дека навистина институциите вклучувајќи ја и полицијата мора да се посветат на спречување и казнување на насилството. На малолетникот и на неговите родители мора да им се предочи сериозноста и кривичниот карактер на деликтот додека не е предоцна. Дека имаме сериозен проблем сведочи и тоа што неговите другари, 15 годишници неговото девијантно однесување го оправдуваат со тоа дека кучето е негова сопственост.

Зарем можете да спиете мирно додека малолетници кои треба да бидат нашата иднина сметаат дека насилството врз животно може да се оправда со тоа што малтретираното животно е во сопственост на неговиот мачител. Што ќе биде кога истите тие деца ќе бидат родители?“, велат од „Анима Мунди“.

Претходно, за убиството на кучето Идриз, кое беше обезглавено среде ден помина со казна од 1000 евра за сторителот.

„Тие се дрзнуваат да мачат и убиваат животни зошто не чувствуваат закана од институциите и законите и од ништо не се плашат! Во Македонија нема одговорност за убивање на животни! Дали имаме намера конечно да станеме правна држава? Итно повикуваме институциите да започнат со сериозни истраги, најстрого да ги казнат сторителите, затоа што ваквите индивидуи се закана по безбедноста и животот на секое битие, независно дали животно или човек“, апелираат од „Анима Мунди“.