Два македонски филма во трка за наградата „Лукс“ на фестивалот во Карлови Вари

Филмовите „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска и документарниот филм „Медена земја“ на Љубо Стефанов и Тамара Котевска влегоа во трката за значајната награда „Лукс“ на 54. издание на филмскиот фестивал во Карлови Вари. Во селекцијата од десет филмови на оваа програма што ја прави Европскиот парламент, Северна Македонија е единствена земја селектирана со два филма.

За потесниот избор на десетте филма дебатирале 21 европски филмски професионалци. Годинава во финалната селекција се вклучени четири филма на женски режисерки, два документарни филма и значајно присуство на мали земји. Половина од селектираните филмови се европски копродукции.

Според пропозициите, од десетте филмови три ќе бидат избрани како конкуренти за наградата „Лукс“ и таа ќе биде врачена на 27 ноември во Стразбур.

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ премиерно беше прикажан во официјалната програма на Филмскиот фестивал во Берлин, а „Медена земја“ освои повеќе награди на „Санденс“. И двата филма се поддржани од Агенцијата за филм.