Два екстерни и два интерни испити на матура – решението со кое се согласи Сојузот на средношколци

Еден екстерен испит помалку на државната матура, односно да се полагаат само два екстерни и два интерни испити, е предлогот што го прифати Сојузот на средношколци по нивното Генерално собрание кое се одржа вчера.

„Овој компромис предвидува полагање на два екстерни и два интерни испити, односно третиот екстерен испит да се организира интерно. Овој чекор повлекува промени и во начинот на добивање на поените за државната матура, па екстерните испити ќе носат најмногу 20 поени (наместо сегашните 30), интерните најмногу 16 (наместо сегашните 6) и проектната задача ќе продолжи да носи најмногу 4 поени“, појаснуваат од Сојузот.

Ова решение за државната матура беше предложено на нивната последна средба со премиерот Зоран Заев, пратеничката Зајкова и советникот на премиерот Тасев. Од Сојузот сметаат дека ваквиот начин на распределба на поените е поправеден и порамномерен за сите матуранти.

„Дополнително, искрено веруваме дека комромисот што го постигнавме ги задоволува нашите два клучни принципи: квалитетот на образованието и интересот на учениците. Во извештаите на ОЕЦД државната матура е посочена како една од посилните страни на нашиот образовен систем. Сојузот планира овој епитет да го задржи. Исто така, вреди да се напомене дека моделот на 2 екстерни и 2 интерни испити бил веќе применуван во нашата земја од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година“, се вели во соопштението.

Според нив, ова решение го брани интересот на учениците бидејќи им овозможува на амбициозните матуранти да се запишат на странски универзитети, а пак присуството на поголем број на интерни испити го олеснува процесот на подготовка за испитот.

„Поправедната распределба на поените значи дека и доколку еден ученик се здобие со послаба оценка на еден испит, таа оценка нема да влијае значително на бројот на поени“, посочуваат од Сојузот.

Средношколците со услови до Владата

По нивната одлука, од Сојузот упатија и неколку услови до Владата за да го прифатат решението.

Првиот услов е формирање на работна група меѓу Државниот испитен центар и Сојузот. Во оваа група, според нив, треба да учествуваат нивни претставници-ученици, наставници номирани од нивна страна и претставници на ДИЦ. Со групата предлагаат да претседава претставник од Канцеларијата на премиерот.

„Планираме групата да работи до средината на март, а таа за задача ќе има да одлучува кои наставни програми ќе бидат скратени за есктерните испити. Со ова ние се осигуруваме дека ученичкиот глас ќе биде застапен во кратењето на програмите за испитите и дека тие промени навистина ќе се случат“, се вели во нивното соопштение.

Вториот услов предвидува наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити со своите ученици најмалку 3 недели пред денот на испитот. Под испитни материјали подразбираат: формат на испитот, конректни содржини покриени на истиот и банките на прашања за истиот. Овој чекор, велат од Сојузот, ќе им овозможи на матурантите соодветно да се подготват за нивните испити.

Нивниот трет услов е зголемување на коефициентот за добивање на поените доколку екстерниот испит е несоодветен за студиите на кои се запишува ученикот.

„Сегашниот модел доделува најмногу 5 поени за несоодветен есктерен испит. Ние бараме бројот на поени да се зголеми на 7. Со ова ги штитиме матурантите кои стравуваат дека нивниот соодветен екстерен испит ќе се претвори во интерен, па тие би изгубиле на поени. Нашето барање ја елиминира оваа појава“, посочуваат од Сојузот.

Сепак, тие најавуваат дека нивната борба ќе продолжи сè додека не се реализира целосното решение како и нивните услови за прифаќање.

Другата опција која им беше понудена на средбата со пратениците и премиерот, предвидуваше да полагаат само два екстерни предмети, додека за интерните предмети да им биде впишана просечната оценка од четиригодишното школување. Сојузот претходно одлучи привремено да го прекине бојкотот, доставувајќи до Собранието Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средно образование.