„Дурмо турс“ добил тендер за превоз на ученици два дена по несреќата кај Ласкарци

Два дена по автобуската несреќа кај селото Ласкарци, во која животот го загубија 16 луѓе, фирмата превозник „Дурмо турс“ добила тендер за превоз на ученици, објави ИРЛ Македонија. Договорот бил склучен на 15-ти февруари, а на интернет страната на Јавни набавки е објавен вчера.

Тендерот бил објавен од средното училиште „Неготино“ од селото Неготино во општина Врапчиште, а „Дурмо турс“ била одбрана во конкуренција со уште една фирма. Според договорот, „Дурмо турс“ почнувајќи од 15 февруари до крајот на годинава ќе ги превезува средношколците од шест села од дома до училиштето и обратно. Критериум за добивање на договорот била најниска цена.

Од ИРЛ Македонија не успеале да стапат со контакт со директрот на училиштето, за кој вработените рекле дека е на годишен одмор.

За автобуската несреќа кај Ласкарци минатиот месец беа приведени седум лица, меѓу кои и сопственикот на „Дурмо Турс“ и четири лица одговорни за техничкото одржување на автобусот. Од Јавното обвинителство соопштија дека главната причина за несреќата била преголемата брзина со која се движел автобусот и несоодветната исправност на сопирачките.