Државиот мониторинг систем за квалитет на воздухот наспроти „мали и евтини сензори”

Министерството за животна средина и просторно планирање ја критикува позачестената појава на набавка и мерења на квалитетот на воздухот со, како што велат, мали и евтини сензори, кои сè уште се далеку и од референтните и од индикативните станици.

„За разлика од мерењата кои се вршат со Државиот мониторинг систем за квалитет на воздухот (ДАМСКАВ), се почесто во државава се шпекулира со податоци добиени од мерења со уреди кои популарно се наречени сензори (Low Cost Sensors), кои не може да се земат предвид заради нивната голема мерна несигурност дури ниту за индикативни мерења (примерот со Ѓорче Петров и Прилеп). Индикативни мерења се сметаат оние чиј критериум за квалитет на податоци е понизок од критериумот кој се однесува на фиксните мерења, a конкретно за PM10 и PM2.5 се оние кои имаат до 50 % мерна неодреденост во споредба со референтната метода. Но доста ретки се сензорите кои можат да имаат мерна неодреденост и до 75 %, а многу од нив не ни даваат информација за истото прашање, ниту пак како е таа пресметана, што е најзначајно во целиот процес на мерење“, велат од МЖСП.

Додаваат дека мерењата со мобилните сензори даваат нереални резултати бидејќи сензорите имаат висока вредност на граница на детекција, па затоа измерените податоци се несигурни, па може да покажат разлика и до 1000 пати. Како друга причина за несигурноста на овие резултати, ја споменуваат високата осетливост на промени на температурата и влажноста. Осврт даваат и за таканаречени Smart Systems кои се мрежа од сензори поставени на различни локации, но најчесто во близина на некоја референтна мониторинг станица со мерни инструменти кои работат според референтни методи.

„Заклучокот е дека доколку квалитетот и точноста на податокот е од примарна цел податоците од овие мобилни сензори не би требало да се земат во предвид. Со тоа добиваме огромен збир од несоодветни податоци од извршени мерења со кои не можат да се изработуваат ниту плански документи, ниту пак истите можат да се репортираат како валидни податоци. Овие сензори може да бидат употребувани единствено за научни истражувања, но и тука треба да се внимава при анализа и користење на резултатите“, велат од Министерството.

Објаснуваат дека МЖСПП има воспоставено и систем на моделирање и изготвува три-дневна прогноза на квалитетот на воздухот со користење на податоци обработени со регионален модел SILAM развиен од страна на Финскиот метеоролошки институт (FMI). Моделот обезбедува 72 часовна прогноза на аерозагадувањето на национално ниво за загадувачки супстанции PM2.5, PM10, SO2, NO2, CO и O3 кои се презентираат на веб порталот за Квалитет на воздух во РСМ. Презентацијата на резултатите кои ги генерира моделот во прогностички режим беше воспоставена во соработка со стручните експерти од FMI во склоп на Твининг проект за квалитет на воздух. Обработката на податоците се врши во реално време на супер сервер во Финска за цела Европа, а на сајтот на Министерството се прави визуелизација на резултатите кои се однесуваат на подрачјето на државата со висока резолуција 10×10 км.

„Притоа, треба исто така да се нагласи дека, моделирањето на квалитетот на воздухот носи голема несигурност. Особено кога станува збор за моделирање на концентрацијата на PM честичките, што се должи на различните природни и антропогени извори на PM честички, како и локални извори на PM кои не можат да се земат во предвид при моделирањето“, заклучуваат од Министерство.