„Другата страна на реката“ на Антониа Килијан е најдобар филм на „Киненова“

„Другата страна на реката“ на Антониа Килијан доби Гран при за најдобар филм на „Киненова“ 2021 за силната приказна водена од женски карактер кој се обидува да го промени традиционалното општество, следејќи ги нејзините верувања и покрај противречностите и тешкотиите.

Според жирито, филмот демонстрира ветувачки силен глас на филмски режисер подготвен да се справи со тешки теми во предизвикувачки услови.

„Ми претставува задоволство и огромна чест ова признание и сакам оваа награда да и ја посветам на Хала Мустафа, главниот лик на нашиот филм која се бори себе, за слобода, но се бори и во името на сите жени кои се борат за слобода“, рече во своето видео обраќање Килијан.

Стефан Арсенијевиќ за филмот „Страхиња Бановиќ“ ја доби наградата за најдобар режисер, Давид Боневил и Диего Роша за најдобро сценарио за филмот „Последното капење“, специјална награда од жирито освои Ивона Синежинска за „Аматери“, а нововостановената награда „Упа“ за најдобро актерско остварување и припадна на Мелика Форотуан од филмот „Пари“.

„Благодарам на „Киненова“ затоа што постои, бидејќи Скопје навистина заслужува и му прилега да има вистински меѓународен фестивал на дебитантски филм како и секоја светска метропола“, рече Никола Поповски, член на жирито што ги додели наградите во конкуренција за кратки филмови заедно со Мехмед Бахадир, претседател и Петар Станојловиќ.

Според нивната одлука, за креативни визуелни решенија кои дискретно и ефикасно го оплеменуваат навидум вообичаениот љубовен триаголник и со чија помош овој филм предизвикува вистинска емоционална зачудност, за најдобар македонски краток филм е прогласен „Касапот“ на Илчо Царовски. Наградата во име на авторот ја прими неговата сестра Тања Царовска.

За извонредно конструираното поврзување на два лика кои навидум и немаат никаков меѓусебен потенцијал, Специјалната награда од жирито ја добива филмот „Мајстор за се“ на Николас Клифард, бидејќи конструкцијата е секогаш основа за создавање на еден филм. Уште кога на таа конструкција совршено ќе се накалеми и реално возможна и веројатна животна ситуација, тогаш имате вистинска филмска приказна.

За ремек-дело, најдобар краток филм е прогласен филмот „Пријател“ на Андреј Светлов.

На последниот ден од фестивалот беше прикажан филмот „Колектив“ на Александар Нанау.