Дронови ќе надгледуваат дали се почитуваат мерките за Ковид-19 на гробишта во Мадрид за време на претстојниот празник

Беспилотни летала ќе надлетуваат над две големи гробишта во Мадрид на 1 ноември, односно на Денот на сите светци, со цел да се контролира почитувањето на санитарните мерки против коронавирусот, соопштија градските власти, пренесува босански „Н1“.

Семејствата во Шпанија обично ги посетуваат гробовите на нивните најблиски на овој ден. Но, оваа година, сепак, посетителите ќе имаат поинаков пристап кон гробиштата. Тие ќе мора да носат маски, да одржуваат физичко растојание и не смее да се собираат повеќе од шест лица на едно место.

Речиси 300 припадници на локалната полиција ќе бидат распоредени во Мадрид за време на празникот.

На помош на полицијата ќе бидат беспилотни летала, наведоа градските власти и потсетија дека Мадрид веќе користеше дронови за надгледување дали се почитуваат мерките против коронавирусот за време на пролетта, среде првиот бран на епидемијата.

Од почетокот на пандемијата, во Шпанија со Ковид-19 се заразени повеќе од милион луѓе, од кои повеќе од 35.000 починале.