Драмски театар повторно поплавен по дождот и покрај ветувањата за санација

Кровот на Драмскиот театар во Скопје прокисна за време на синоќешниот дожд, а директорот Сашо Тасевски на својот фејсбук профил покажа снимки од поплавените тоалети, час и половина пред почетокот на претставата „Секс, дрога и рокенрол“, која и покрај проблемот, се одржала за гледачите.

„Вечерва на Секс дрога рокенрол… и поплава во Драмски… Течеше секаде… Сепак претставата ја одиграв… Беше без врска да се откаже пред 135 луѓе. На крај дојдоа нуркачи и не извлекоа некако. Во женскиот тоалет се играше лебедово езеро. Публиката презадоволна“, напиша Тасевски на Фејсбук.

Од Министерството за култура во ноември, минатата година, откако прокисна Драмски и повеќе други културни установи, најавија локално санирање на кровот на театарот и дека во координација со Министерот за финансии, Драган Тевдовски, ќе спроведат ургентна постапка и за алоцирање средства кровот да се санира и да се создадат елементарни услови за работата на Драмскиот театар.