Донесена одлука за зголемување на платите во основно и средно образование за 5%

Владата на вчерашната седница донесе одлука за зголемување на платите на вработените во основно и во средно образование за 5%, почнувајќи од исплатата на септемвриската плата годинава.

„За покачувањето на платите во основно образование, за четвртиот квартал од 2018-тата година, Министерството за образование и наука (МОН) ќе издвои 99 милиони денари, додека за покачувањето на платите во средно образование, вкупно 40 милиони денари“, соопштуваат од Влада.

За реализација на покачувањето на платите, МОН ќе потпише спогодби со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК).

„Со Спогодбите се утврдуваат најниската плата за најнискиот степен на сложеност на вработените во основните училишта која ќе изнесува 12.714 денари и најниската плата за најнискиот степен на сложеност на вработените во средните училишта која ќе изнесува 13.117 денари“, велат од Влада.

Исто така, донесена е одлука и да продолжи стипендирањето средношколоци во учебната 2018/2019 година. Според оваа одлука, 100 талентирани ученици и 80 талентирани ученици – спортисти ќе добиваат стипендија во висина од 2. 970 денари.

Сто ученици со посебни потреби и 50 ученици – деца без родители ќе добијат стипендија од 2.750 денар, а 400 ученици ќе добијат стипендија за социјална поддршка од 2.200 денари.

Стипендии се предвидени и за средношколци од ромска националност.