Домашна платежна картичка да добијат и студентите од приватните универзитети, бараат од КПВУ

Студентите на приватните високообразовни установи се ставаат во нерамноправна положба со тоа што во Уредбата со законска сила на Владата за издавање домашна платежна се опфатени државјани на возраст од 16 до 29 години, кои се ученици во формалното средно образование или се редовни студенти на државните универзитети, реагираат од Конференцијата на приватни високообразовни установи (КПВУ).

Ова значи дека ваквата поддршка не можат да ја добијат студентите на приватните високообразовни установи, додаваат оттаму.

„Со тоа, се крши уставното право на студентите да ги имаат истите можности за добивање финансиска помош од државниот буџет во услови на вирусна пандемија и загрозена егзистенција на нивните семејства поради економските последици од здравствената криза, едвакво како и студентите од јавните универзитети. Со оглед на тоа дека при одредување на правата на граѓаните, Уставот не прави разлика во статусот на студент запишан на државен или приватен универзитет, студентите од приватните универзитети се дискриминирани и им е повреденоправото на еднаквост, загарантирано со член 9 од Уставот на РСМ и Законот за високо образование“, стои во соопштението на КПВУ.

Од КПВУ бараат во најкус можен рок да им се додели финансиска помош на сите студенти, вклучително и на оние од приватните универзитети.