Докувизија: Проекција на документарецот „Опасни дела“ во Џебно кино

„МакеДокс“ и „Докувизија“ ја најавија проекцијата на документарниот филм „Опасни дела“ на Медлин Саклер во понеделник (9 ноември), на филмското платно во Џебното кино во МКЦ.

„Опасни дела“ е филм за Белорускиот слободен театар – неверојатен запис за храброста и отпорот против цврсто стиснатата тупаница на диктатурата која забранува, прогонува и ликвидира и сè уште владее благодарение на 79% од избирачките гласови, но и со најголем број на полицајци по глава на жител во светот. Филмот истовремено ќе се прикаже во Скопје, Белград, Загреб, Подгорица, Призрен, Изола и Мост на Соча.

„Прошверцувани снимки и нецензурирани интервјуа направени од граѓани и режирани преку Скајп водат директно на улиците во Минск и зад кулисите на Белорускиот слободен театар. Оваа „подземна“ театарска трупа, составена од 35 уметници од САД, Велика Британија и Нигерија, станува една од светски најсубверзивните зашто решава по секоја цена да му се спротивстави на т.н. „последен европски диктатор“ – Александар Лукашенко. Ги обединува креативниот пркос и неиздржливата глад за слобода. Апсени, затворани и прогонувани, но никогаш замолчани, тие упорно ја шират најгласната критика против репресивниот режим во Белорусија“, стои во краткото сиже за филмот.

„Докувизија“ е партнерски проект на Балканската документарна дистрибутивна мрежа (БДДМ) во која покрај „МакеДокс“, членуваат и „Dokufest“, „Underhill Fest“, „Baš Volim Dokumentarce“, „Slobodna Zona / Free Zone Film Festival“, „Petra PAN FILM Production“ и „Demiurg distribucija“. Поддржан е од Фондот за уметност и култура за Балканот (Balkans Arts & Culture Fund (BAC)).

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е основан во Скопје во 2010 година со цел да ја претстави и промовира креативната документарна филмска уметност. Главните три цели на „МакеДокс“ се едукација на млади филмофили, ширење на етичките идеи и придонес во одржувањето и развојот на човековите права.