Доделени Наградите за младинско учество

Добитници на Наградата за младинско учество оваа година се Бленди Ходаи и Ален Умер; неформалните групи Center for Equal Opportunities „Ladybug” и „Walkiie“  и младинските организации Здружение Младински сојуз – Крушево и Здружение за заштита на животните АМОС Шелтер. Наградите беа доделени вчера во Младинскиот културен центар, во рамки на проектот на УСАИД за граѓанско учество со кој им се оддава признание на поединците, младинските групи и организациите кои работат на подобрување на своите заедници.

Бленди Ходаи ја доби наградата за неговата улога како лидер на средношколското движење кое бараше подобра адаптација на образовниот систем со предизвиците од ковид-19 пандемијата и резултираше со подобрени политики кои ги адрeсираат потребите на средношколците. Ален Умер беше награден за адресирање на потребите на младите во креирањето на локална стратегија за млади на Општина Шуто Оризари, како и за мобилизирање на млади Роми во едукативни кампањи за заштита за време на КОВИД-19 пандемијата, говор на омраза и за важноста на ромскиот јазик во формалното образование.

„Center for Equal Opportunities Ladybug” ја добија наградата за спроведувањето на серија активности и кампањи за млади во Полошкиот регион на тема родово-базирана дискриминација во политка, во носење одлуки, родово-базирано насилство, итн. „Walkiie“ беа наградени за дизајнирање на апликација која поврзува деца и млади со интелектуална попреченост и нивните родители/старатели со волонтери кои се спремни да им пружат поддршка кога се надвор од дома. Здружението Младински сојуз – Крушево ја добија наградата за обезбедување на соработка помеѓу младите од Северна Македонија и Грција преку билатерална канцеларија за младинска соработка која нуди простор на младите да се среќаваат и дискутураат различни теми.

Здружението за заштита на животните АМОС Шелтер се меѓу овогодинешните добитници поради мобилизирање на младите во обезбедување на добросостојбата на бездомните животни на улиците во Северна Македонија преку нивната иницијатива за вдомување која вклучува и вакцинација, стерилизација и проверка на здравствената состојба на животните.

„Ние сме фокусирани на охрабрување на младите како идни лидери, но исто така ги повикуваме и властите, бизнис секторот, граѓанскиот сектор, и сите граѓани – да придонесат кон поддршка на енергијата, иновативноста, посветеноста и талентот на младите. Вие сте највредниот ресурс на државата, и ќе продолжиме да инвестираме во можности кои ќе обезбедат да се истакнете како лидери и да бидете слушнати од институциите,“ изјави претставникот на Канцеларијата на УСАИД, Ерик Јановски.

Овогодишната церемонија за доделување на награди ја обележува петтата по ред Награда за младинско учество организирана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество како признание за извонредното младинско  учество од страна на млади жени и мажи (на возраст од 18 до 29 години), неформални групи на млади и младински организации и мрежи на младински организации кои работат на подобрување на своите заедници и животите на младите луѓе во Северна Македонија.