Доделена наградата „Гласник на невидливите“ на Македонската платформа против сиромаштија

Новинарите Бојан ШашевскиАнета Ристеска, Валентина Вурмо, Ирена Каревска, Катерина Топалова, Мики Трајковски, Петар Клинчарски и Сунаи Сабриоски се овогодишните добитници на наградата „Гласник на невидливите“ која ја доделува Македонската платформа против сиромаштија (МППС).

Овие награди се специфични затоа што наградените стории ги оценува жири-комисија составена од луѓе кои и самите имаат искуство со живот во сиромаштија или социјална исклученост. Новинарите добија награда во вид на светилка, како симбол за давањето видливост на проблемите со кои се соочуваат овие луѓе.

„Преку работата на овие новинари презентираме стандарди за одговорно известување поврзано со живот во #сиромаштија и социјална исклученост. Преку нивните стории го притискаме системот да обезбеди достоинствен и квалитетен живот за сите граѓани, освестуваме и ја зајакнуваме заедницата“, велат од МППС.

Активноста е инаку во рамки на проектот „Journalism-prize goes international“, инициран од Австриската платформа против сиромаштијата.

Целта на наградите е промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, во кое се почитуваат граѓаните и нивното достоинство, како и оддавање благодарност на новинарите кои внимаваат преку нивното информирање да не се градат стереотипи и кои не се водат од сензационализам.