Додадени четири нови хемиски елементи во периодичниот систем

Четири нови елементи се додадени на периодичниот систем, со што конечно се пополни седмиот ред на таблицата.

Елементите, откриени од научници од Јапонија, Русија и Америка, се првите додадени на Менделеевиот систем од 2011 година, кога беа додадени елементите 114 и 116.

Четирите нови елементи беа верификувани на 30 декември од Интернационалната унија на чиста и применета хемија, глобална организација која управува со хемиската номенклатура, терминологија и мерење, а има седиште во САД.

Унијата објави дека руско-американски тим на научници од Заедничкиот институт за нуклеарни истражувања во Дубна и Лоренс Ливермор националната лабораторија во Калифорнија обезбедиле доволно докази за да го докажат постоењето на елементите 115, 117 и 118.

За откритието на елементот 113 е награден тим од институтот Рикен во Јапонија.

Елементите, кои сé уште немаат име, ќе бидат официјално именувани од тимовите кои ги откриле во наредните неколку месеци. Елементот 113 ќе биде прв елемент именуван во Азија.

Извор: Guardian