Доцни електронското внесување оценки на Правен, студентите загрижени дека ќе плаќаат казни

Електронското досие на студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“, попознато како „Iknow“ систем, и годинава им направи проблем на студентите кои треба да запишат нов семестар.

Имено, за последниот семестар, голем број студенти се пожалија дека им била испратена една иста порака која се појавува при отворање на нивниот профил на досието.

„Поради неисполнување на ЕКТС условите, мора да преминете во Кофинансирање. Услови кои не се исполнети: Студентот нема освоено минимум 50% од запишаните кредити од претходниот соодветен (зимски/летен) семестар.“

Пораката ја добиле голем дел студенти кои ги имаат положено неопходниот број испити и имаат оценки во индекс, но професорите не им ги внеле во „Iknow“ системот. Всушност, по секој положен испит, професорот е задолжен да ја внесе добиената оцена во системот и таа да биде забележана во електронското досие на студентот.

Но, бидејќи дел од професорите тоа го немаат сторено тоа, електронското внесување на оцените доцни и по 9 месеци (3 испитни сесии). Ваквиот пропуст, „Iknow“ го регистрира како неположен предмет и го известува студентот дека нема освоено доволно кредити, односно ги нема исполнето потребните услови, па не може да запише нов семестар.

На прашањата испратени по мејл до деканот на Правниот факултет уште пред еден месец, за тоа како ќе се решава овој проблем, нема одговор. Од службата задолжена за „Iknow“ системот на факултетот, група студенти добиле само кус одговор:

„Тие што имате таков проблем, дојдете во студентски прашања, ќе го решиме проблемот“, велат за Радио МОФ.
Студентите сега се плашат, дека поради овој проблем кој не е нивна вина, ќе доцнат со пријавата на семестарот. Ако не го пријават навреме, во соодветниот рок зададен од страна на факултетот, ќе мора да платат казна во висина од 500 денари.

Веќе неколку години по ред студентите се жалат на повеќе проблеми со електронското досие како доцнење со запишување на оценките и често паѓање на сајтот на кој работи  „Iknow“ системот.

Г.Б.