До 2023 година барем еден македонски град да има 5G, планира Владата

Во најновиот извештај на Cable.co.uk Северна Македонија се најде на 78 место во светот според брзината на широкопојасниот интернет, што претставува пад од 10 места во однос на минатата година. Просечната брзина на интернет во државава изнесува 7,97 мегабити во секунда (Mbps), а за преземање 5 GB филм се потребни 1 час 25 минути и 38 секунди.

Од државите во регионот најдобро рангирана е Словенија (27 место), Србија (44), Хрватска (49), Бугарија (50), Грција (57) и Косово (60).

Од Владата на Северна Македонија по овој извештај реагираат дека за подобрување на состојбите во брзината на бродбенд интернетот усвоен е Националниот оперативен бродбенд план – НОБП (2019-2029 година). Целта е да се достигнат брзините и користењето на бродбендот кои постојат во земјите во ЕУ.

Според планот се предвидува:

–             До крајот на 2023 година, најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал.

–             До крајот на 2025 година,  главните коридори во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал.

–             До крајот на  2027 година, сите  градови во државата  да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал.

–             До крајот на 2029 година, секој да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.

–             До крајот на 2029 година најмалку 50% од вкупниот број на претплатнички договори на домаќинствата во цела држава, да бидат за пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.

„Свесни сме дека станува збор за многу високо поставени цели, но убедени сме дека располагаме со капацитети за да ги постигнеме истите. Согласно извршеното мапирање во 2018 година на постојни комерцијални мрежи и идни планови на операторите,   утврдено е дека голем процент од домаќинствата (околу 30%) живеат во т.н “бели зони“ или зони каде нема пристап до супер/ултра брз интернет (поголем од 100Мбпс), а нема ниту планови за инвестиции во вакви мрежи. Овој дигитален или бродбенд јаз мора да се намали. Ова е едно од реалните причини и зошто нашата земја не котира високо во користење на бродбендот и во просечната брзина на истиот. Затоа, согласно НОБП ќе се изгради Национална транспортна оптичка мрежа до овие “бели зони“ како и оптички мрежи внатре во самите “белите зони“ и истите ќе се дадат на користење  на операторите за да им обезбедуваат услуги на граѓаните,  но само под еден услов: малопродажната цена за пристап до супер брз интернет за домаќинствата да не биде повисока од 2% од просечните месечни примања во тој плански регион“, соопштија од Министерството за информатичко општество и администрација.

Од таму додаваат дека изградбата на оваа мрежа ќе се прави во соработка со Светска Банка и дека очекуваат од октомври да започне подготовката на Студијата за изводливост, а потоа ќе започне и нејзината изградба. Според Министерството на овој начин ќе се зголеми брзината и користењето на интернетот и се уверени дека Северна Македонија при следното мерење ќе биде позиционирана на подобро место во споредба со оваа година.

Според истражувањето за 2019 година, најбрз интернет во светот има во Тајван, по што следуваат Сингапур, Шведска, Данска и Јапонија.