ДИЖС: Поднесена кривична пријава за нелегано насипување на земја и шут на брегот од Охридското Езеро

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) утврдил дека на потегот меѓу Хотел „Далјан“ и Домот за стари лица кој е во изградба, на површина од 964 квадратни метри на брегот на Охридското Езеро, но и во самото езеро бил фрлен градежен шут и била насипана земја од ископ на темели од непозната локација, информираат од ДИЖС.

Оттука, тие додаваат дека во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР) сопственикот на земјиштето бил најден и против него била покрената кривична пријава.

„Со цел санирање на крајбрежјето, Инспекторатот поднесе и Информација за влијанието на нелегалното насипување на земја и шут на брегот на езерото во населба Далјан и за итно враќање на крајбрежјето во првобитна состојба. Имајќи го предвид мислењето на Хидробиолошки завод од Охрид дека ‘нелегалното насипување на земја и шут на брегот од Охридското Езеро во населба Далјан има негативно влијание врз Охридското Езеро, особено врз квалитетот на водата и седиментот, врз живиот свет во езерото, неговиот биодиверзитет, оплитувањето и други негативни последици на овој значаен акватичен екосистем’ очекуваме Владата да ги задолжи Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид да го отстранат насипот и да го санираат крајбрежјето“, стои во соопштението на ДИЖС.

❗ Поднесена кривична пријава за нелегално насипување на земја и шут на брегот од Охридското Езеро во населба…

Posted by Државен инспекторат за животна средина on Thursday, March 4, 2021

Тие се децидни дека уништувањето на природното наследство е недозволиво, додека виновниците, како што додаваат, мора да сносат одговорност.