Дивиот паркинг зад МОБ ќе стане парк

Просторот зад објектот на Македонска филхармонија ќе биде уреден во парк, најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

„Овој простор со години се користи како нелегален див паркинг. Бидејќи станува збор за неасфалтирана површина, на ова место паркираните возила разнесуваат прашина која дополнително го загадува воздухот и кал во дождливите денови која по напуштањето на паркингот се разнесува по улиците. Притоа подземниот паркинг под МОБ и Филхармонијата иако има огромен капацитет стои неискористен“, рече Шилегов.

Тој ја отфрли можноста за нова узурпација на овој простор од типот на „Скопје 2014“. Според Шилегов, на ова место ќе биде изграден парк со површина од 14.000 м2 што го прави поголем и од Паркот на жената борец.

„Од овие 14.000 м2 за зеленило се предвидени околу 8.000 м2 во рамките на кои покрај постојните 23 дрвја ќе бидат засадени уште 60-тина нови садници. Остатокот од површината ќе биде зафатен со пешачки и велосипедски патеки, клупи, корпи за отпадоци, чешми, канделабри за осветлување и друго“, најави Шилегов.