[Дискусија] Турбулентна учебна година – што направивме и што ќе правиме од септември?

Изминатата учебна година беше една од најтурбулентните, но и најстресните, како за учениците, така и за нивните родители и наставници.  Наставнички штрајк, ученички бојкот на настава, бројни протести и маршеви, кампување пред МОН. На последниот ден од учебната година во Парламентот се менуваа Законите за образование, екстерното остана, математиката засега е тргната како задолжителен предмет на државната матура. Но останаа и казните за наставниците, единиците во свидетелствата, револтот од игнорантскиот однос на институциите.

Што научија учениците од годината што измина, за што протестираа и што добија наставниците, како одговорија родителите на притисоците упатени кон нив, но и што ќе се случува од догодина се само дел од прашањата во дискусијата „ Турбулентна учебна година – што направивме и што ќе правиме од септември?“

Дискусијата во Радио МОФ започнува во 13 часот, a гости во студио се професорот од скопската гимназија „Орце Николов“ Душко Стојановски, средношколката Симона Туфегџиќ, како и Ирена Јакимова и Јасмина Плунцевиќ – Глигоровска од Родителскиот пленум.

Радио МОФ, покрај аудио, ќе врши и директен видео пренос во живо од оваа дискусија посветена на средношколците.