Дисциплинска постапка за двајца полицајци за случката при излегувањето од притвор на Мијалков

Против двајца полицајци од затворската полиција ќе се покрене дисциплинска постапка поради нивната реакција при излегувањето од притвор на Сашо Мијалков вчеравечер, изјави директорот на Затвор Скопје Филип Андов за Радио МОФ.

Ваквата одлука доаѓа откако Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) го осуди односот на полицаец, за кој велат дека истурка новинари и сниматели и ги попречил во вршењето на нивната работа. Tие посочија дека ќе повикаат на одговорност од МВР, како и од директорот на затворот.

Дополнително, Андов објаснува дека постапката се покренува и поради неуредно спроведен протокол за испраќање на притворено/затворено лице до стражарското место при ослободување.

„Постапката за спроведување на осудено-притворено и ослободување на осудено-притворено лице од Затвор Скопје е дека тоа се носи само до затворската рампа, до стражарско место-пријавница. Отпосле немаме право ние да го спроведуваме до приватни автомобили“, рече Андов.

За дисциплинската постапка треба да одлучува комисија која ќе ја разгледува одговорноста и која треба да донесе одлука.

„Тоа комисијата ќе си одлучува, си има заповедник, се состои од поголем ранг и командири што ги спроведуваат тие работи професионално. Со вчерашното доаѓање утврдено е со камерите дека има направено пропуст, и тоа одма е санкционирано“, објасни Андов.

ЗНМ: Осуда за службеникот кој туркаше новинари и сниматели при излегувањето од притвор на Мијалков

М.К.