Дино Шкрињариќ: Нема доволно емисии за хип хоп музика

Дино Шкрињариќ ака Бесниот Витез живее за хип хоп музиката. Изминативе четири години го слушаме секоја претпоследна среда од 18 до 19 часот со неговата емисија „Хип Хоп Манија“ на Радио МОФ. Со него накратко помуабетивме за недостигот од вакви емисии, но и за домашната хип хоп сцена.

Од каде дојде идејата да се започне една ваква емисија?

Во нашава земја има малку емисии на телевизија и на радио, па дојдов со една идеја да направам емисија баш за хип хоп индустријата во нашава земја. Навистина е жално и мислам дека треба телевизиите малку повеќе да се трудат за нашава хип хоп ера кај нас, повеќе младите да се едуцираат, да кажеме. Си реков ќе направам една емисија за хип хоп. баш тука во Радио МОФ. Имаше еден конкурс, нормално се пријавив. За овие четири сезони колку што поминаа, оваа е сега 5-та јубилејна сезона, можам да кажам дека „Хип Хоп Манија” постигна одличен успех, со оглед дека во минатата сезона го имавме „ЛД Пистолеро” и навистина направивме една убава емисија, слушаноста е навистина голема и можам да се пофалам дека навистина „Хип Хоп Манија”  на некој начин е бренд на Радио МОФ, единствената хип хоп емисија во самото радио. Имаше и други емисии претходно, пример Даре ДТ водеше емисија тука во Радио МОФ. Можам да кажам дека ми е драго и задоволство што ја правам „Хип Хоп Манија”. Ја правам од срце и ете…така испадна некако главната идеја.

Што е емисијата ,,Хип Хоп Манија”? За каква емисија станува збор?

Дино во студиото на Радио МОФ

 „Хип Хоп Манија” е емисија од областа на хип хоп културата, не само во нашата земја туку и ширум целиот свет. Емисијата опфаќа буквално се од македонски хип хоп, балкански хип хоп и странски хип хоп. Исто така, ги поддржува и сите настани што се во областа на хип хоп културата, како на пример сега концертот на „ЛД Пистолеро“ кој е на 1-ви декември во Младинскиот културен центар (МКЦ), и можам да кажам дека „Хип Хоп Манија” навистина, дефинитивно поддржува голем број на настани од областа на хип хоп културата во Македонија, што е навистина за браво.

Кога се почетоците на емисијата и какви промени правеше низ годините?

Па почетоците датираат некаде од 2016-та година, во овие четири сезони до сега што ги имавме, имавме промена и на тимот, пример го имавме Були, па после влезе Ана Марија, сега го имам Петар. Тонскиот дел драстично се менува како што минуваат сезоните, така што се менувааа и самите тонски сниматели. За овие четири сезони колку што ги имаме, мислам дека даваме еден поттик не само на радио станиците туку и на телевизиите да прават што повеќе емисии за хип хоп, бидејќи кај нас навистина нема, што е навистина жално. Мислам дека „Хип Хоп Манија” навистина достигнува до некој успех, голем успех.

Зошто хип-хоп? Што го прави овој жанр поразличен и посебен во вашите очи?

Хип хопот конкретно за мене е начин на живот, за мене хип хопот е еден од најдобрите жанрови за разлика од некои други жанрови, што не значи дека слушам само хип хоп, слушам и фанк, џез, соул… Се што е добра музика освен турбофолк. Ги пратам тие модерните правци.

Кога се почетоците на хип хопот во нашата држава?  Дали можеме да зборуваме за развој на овој музички правец кај нас? 

Па прво се појави „Ена Веко”, после се појавија групи некои како „Чиста околина” , „САФ” и „Против сите”. Имаше доста екипи што правеа музика во тоа време во 90-тите. Потоа, во новиот милениум се појавија доста нови екипи како „Легијата” и „ДНС”. Се појавија екипи и од другите градови, што не значи дека само Скопје има артисти. „Дивизија” од Струмица, „Авторизација” од Велес… Има доста екипи кои што прават прилично добра музика, за разлика од таа трап музика која што денес младите ја слушаат. Мислам дека ваква каква што е денес ситуацијата, имаме доста квалитетни артисти.

 Хип хоп културата ги опфаќа и графитите, брејкденс натпреварите и сл. Што од ова имаме или сме имале некогаш во Скопје?

 Брејкденсери немаме многу во Скопје, имаме многу графити мајстори, на пример „Страјк” кој исто така се занимава и со тетовирање, има многу продуценти, ди-џеј и ди-џеј колективи како „Фанки Фреш” и „Скопски Грув”. Има доста артисти кои се занимаваат со таква дејност.

Со што се занимава Дино во слободно време?

Покрај тоа што сум водител, се занимавам со диџејство, пуштам музика во кафиќи  како  во „Бифе Тафталиџе”.

Александра Субашиќ