ДИК: Ние не сме фабрика, ниту магацин, паравани имаме за наши потреби

Државната изборна комисија не е обврзана да ги снабдува сите што ќе се обратат до неа за материјали, вели генералниот секретар на ДИК Добре Јанчев, во изјава за Радио МОФ.

Актуелниот претседател на СПУКМ со изминат мандат Кирил Спировски денеска се правдаше дека причината поради која нема паравани за гласање на повеќето факултети е дека ДИК не им доставила, иако тие поднеле официјално барање.

Јанчев потврди дека до архивата на ДИК утрово во девет часот било доставено официјално барање од Студентскиот парламент за да позајми 24 избирачки кутии и 24 паравани. Но, уште веднаш им било кажано дека ДИК не може да ги снабди со паравани, бидејќи оние што тие ги користат се еднократни и се само за потребите на државни избори. Јанчев додаде дека избирачките кутии до 11 часот веќе биле испорачани.

„Ние не сме фабрика, не сме ни магацин, ние имаме паравани за наши потреби кога има избори. Тие се картонски паравани и се за една употреба. Во овој момент факт е дека побараа 24 кутии и 24 паравани, 24 кутии имавме и им ги дадовме во истиот момент, паравани немаме. Им кажавме дека не можеме да им обезбедиме, сепак ДИК не е во ситуација да обезбеди изборен материјал за сите“, рече Јанчев.

Според него, Студентскиот парламент како организација требале сами да се снабдат со паравани, со оглед на тоа дека станува збор за обичен картон и може да се нарача.

Во меѓувреме, од Студентскиот пленум информираа дека се украдени кутии, а со тоа и самите избори се неважечки.

„Бараме ДИК да интервенира и да праша каде се гласачките кутии. Со часови сме тука и прашуваме каде се, во канцелариите има три, останатите не знаеме каде се. Недостасуваат 21 кутија, затоа замолуваме ДИК да достави официјално барање и да се каже локациата на избирачките кутии“, рече Ивана Туфегџиќ од Студентски пленум.

Тие ги повикуваат своите колеги пред седиштето на СПУКМ, во дворот на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ да им се приклучат во блокадата на студентските избори.

Денешните избори за нов претседател на СПУКМ се одвиваа претежно мирно, со повремени расправии помеѓу претставници на Студентскиот пленум и Парламентот. Тензијата настана кога гласачките места мораа да се затворат, па на Правниот факултет се појави група на луѓе, за кои Пленумот смета дека не се студенти, и насилно ги одзедоа кутиите, носејќи ги во канцелариите на СПУКМ.

Во видеото, кое стигна до редакцијата на Радио МОФ, е прикажано како членови на СПУКМ со трчање носат дел од кутиите во Здравствениот дом, кој е во склоп на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.

Студентскиот пленум повика и полиција поради насилство и рушење на јавен ред и мир, која по неколку минути разговор со претставници на СПУКМ, без присуство на медиуми, излезе и кусо одговори дека нема надлежност да се меша во случајот.

Пленумци забележаа бројни недоследности на денешните избори, од недостиг на параван за анонимно гласање, печат на кој пишува 2015 и немање сериски броеви на изборните ливчиња. Гласањето се одвиваше на сите 24 факултети, а заврши во 16 часот.

Студентите можеа да изберат помеѓу Стефан Василевски, кој ја има поддршката од шест матични студентски парламенти и Давор Поповски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНKИ), зад кого застанаа седум матични студентски парламенти.

Последно што забележа репортерот на Радио МОФ е поголема група на специјалци, кои стојат во близина на СПУКМ.

Хронологија:

[ВИДЕО] СТУДЕНТСКИ ПЛЕНУМ: ИЗБОРИТЕ СЕ НИШТОВНИ, УКРАДЕНИ СЕ ГЛАСАЧКИ КУТИИ

[ВИДЕО] „ОТВОРЕТЕ ЈА ВРАТАТА, УКРАДОВТЕ КУТИИ“ – НЕМИРИ ПРЕД СЕДИШТЕТО НА СПУКМ

[ВИДЕО] ВО ТЕНЗИЧНА АТМОСФЕРА ПОМИНА ЗАТВОРАЊЕТО НА ГЛАСАЧКИТЕ МЕСТА НА УКИМ

[ВИДЕО] КИРИЛ СПИРОВСКИ: ДИК НЕ НИ ДОСТАВИ ДОВОЛНО ПАРАВАНИ

[ВИДЕО] МЕДИЦИНСКИ ФАКУЛТЕТ: ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС ТЕЧЕ ВО НАЈДОБАР РЕД

[ВИДЕО] ЖЕСТОКИ РАСПРАВИИ НА УКИМ, СТУДЕНТСКИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ПОВИКА НА ГЛАСАЊЕ

[ВИДЕО] СТУДЕНТСКИ ИЗБОРИ НА УКИМ: СЛАБА ИЗЛЕЗЕНОСТ И БЕЗ ПАРАВАНИ НА ГЛАСАЧКИ МЕСТА

[ФОТО] ПЛАТНО И ФЛАЕРИ НА КАМПУСОТ НА УКИМ ЗА ОЦРНУВАЊЕ НА СТУДЕНТСКИОТ ПЛЕНУМ