Деветмина повредени по демонстрациите пред Собрание, приведени 25 лица

Седум полицајци и двајца цивили завршија во Ургентниот центар со полесни повреди, пренесуваат медиумите. Оттаму информираат дека нема пациент во сериозна состојба.

Полицајците се здобиле со исеченици или повреден скочен зглоб, а цивилите, кои се жени, се со рани од експлозивни направи.

Фото: Александар Тасевски, Фејсбук

Меѓу повредените е и снимателот од „1ТВ“, кој бил нападнат откако одбил демонстранти да му ја одземат камерата.

Од МВР информираа дека 25 лица се приведени.

„ Министерството за внатрешни работи потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила и насилен упад, како и нарушување на јавниот ред и мир. Министерството апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење“, се вели во нивното соопштение.

Протестот против потпишаниот договор за спорот со името помеѓу Македонија и Грција започна пред Собрание. Во 21 часот ескалираше откако демонстранти почнаа да фрлаат со камења и бакли кон полицијата. Единицата за брзо распоредување, пак, возврати со солзавец и десетина истрели на шок-бомби.