Детално скенирање на 40-80 луѓе за коронавирусот, нема нови пациенти

Се проширува бројката на луѓе која што ќе се тестира, а денес или утре се очекува да стигнат помеѓу 40, 50, дури и 80 тестови на луѓе, со цел детално да се скенира регионот на Дебар, соопшти на денешната прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче. Како што појасни тој, тоа се прави согласно светските искуства во некои земји, а се однесува дури и на луѓе за кои не е сигурно дека биле во контакт со заболени или луѓе за кои постојат сомнежи дека се заболени.

Моментално на коронавирусот се тестираат седум лица, од кои три лица од Дебар поврзани со кластерот пациенти од Дебар и луѓе кои имаат симптоми на грип. Двајца пациенти преку Центарот за јавно здравје во Штип и двајца пациенти кои што се на Инфективната клиника. Пациентите во Штип и на Инфективната клиника во Скопје се со анамнеза дека патувале во Германија и Австрија во изминатиот период.

Во изминатиот период, рече Филипче, нема новодијагностицирани случаи, а додаде дека денеска е испишана од болница првата пациентка со коронавирус во државава, во добра клиничка состојба, а контролната слика на белите дробови покажала дека нема големи последици и може да се упати на домашно лекување.

„Сите кои што беа во контакт со неа беа тестирани, немаат никакви симптоми и тие се практично здрави“, додаде Филипче.

„Непроменета е состојбата на сите други 18 пациенти, 13-те на Клиниката за инфективни болести, непроменета е здравствената состојбата на пациентката која што е на респираторна машина, таа е стабилна со соодветна терапија. Добра е, со сосема лесна клиничка слика, добра е состојбата на пациентите во Дебар, тие се во домашно лекување“, посочи Филипче.

Филипче исто така соопшти дека од денеска Клиниката за психијатрија започнува со телефонска психолошка поддршка на граѓани и ранливи групи, која што се однесува на родители на деца на предучилишна и училишна возраст, на возрасни лица во самоизолација и на граѓаните на Дебар и Центар Жупа во соработка со болницата во Дебар.

Кризната состојба во Дебар и Центар Жупа, пак, како што посочи тој се спроведува добро.

„Нема некој проблем, луѓето се мирни, комплетно сфаќаат што се случува, се придржуваат до мерките, немало никаква констатација за нарушување на јавниот ред и мир. Луѓето во овој регион покажуваат исклучително висок степен на дисциплина и придржување до мерките“, објасни Филипче.

За вечерва со почеток од 19 часот, ќе се одржи и седница на Владата каде ќе се дискутира за повеќе мерки.

Пред една недела, Владата донесе одлука за затварање на градинките училиштата и факултетите во наредните 14 дена. Пред два дена беше донесена и одлука за целосно затворање на кафулињата, рестораните, обложувалниците и казината, а угостителските објекти да можат да остваруваат продажба на алтернативен начин.

Мартин Колоски