Демонстрантка стана симбол на женскиот отпор на протестите во Судан

Фотографија од центарот на Картум, на која се гледа жена во бела облека качена на автомобил како се обраќа на насобраните граѓани, стана симбол на протестите во Судан, кои доведоа до соборување од власт на претседателот Омар Ал-Башир.

По повеќемесечни протести војската го собори од власт и го уапси претседателот Ал-Башир, кој беше лидер на земјата од 1989 година. Истовремено армијата ја презеде власта во земјата, првично на две години.

Лана Харун за Си-Ен-Ен изјавила дека таа ја направила фотографијата која го обиколи светот:

„Таа се обидуваше на сите да им даде надеж и позитивна енергија и успеа во тоа. Ги претставуваше и инспирираше сите жени и девојки од Судан. Раскажуваше приказна за Суданките и беше совршена“, изјавила Харун.

Жената во бела облека се претвори во симбол на земја која долги години беше препознатлива по системската државна репресија врз жените. Но, токму жените имаа централна улога во демонстрациите во Судан во последните месеци, додека повеќе познати активистки беа притворени при првиот бран демонстрации на крајот на минатата година.

„Режимот не можеше да ги сруши жените и нивната способност а се борат за промени и слобода. Отпорноста и истрајноста на жените од Судан успеаја да го надминат овој притисок“, рекла Сара Абделаглил, шефица на британскиот оддел од Унијата на доктори од Судан, која од 2001 година е преселена во Велика Британија но била во контакт со лидерите на демонстрациите.

Во извештај на Хјуман Рајтс Воч беа опишани голем број од начините на кои државните безбедносни служби постапувале со активистките при прогоните. „Полицијата за јавен ред“ ги апсела жените и девојките за нивниот избор на облека, како носење панталони или покажување на нивната коса, или пак само поради тоа што се возеле во автомобил со машко лице. Од организацијата посочуваат дека за таканаречените „етички кривични дела“, меѓу кои и прељубата, биле извршувани казни како камшикување и каменување на жени и девојки.

Судан воведе шеријатско право во 1983 година, но спроведувањето на овие закони се зајакнало за време на власта на Ал-Башир во последниве години. Според невладини организации од Судан, околу 15.000 жени биле осудени на камшикување во 2016 година.

Протестите започнаа во декември минатата година, откако владата три пати ја зголеми цената на лебот, по што брзо се проширија низ земјата.