Демонстранти окупираа вила на руски олигарх во Лондон и побараа во неа да се вселат украински бегалци

Осуммина активисти биле приведени во Лондон откако во анти-воен протест окупирале вила поврзана со рускиот милијардер Олег Дерипаска, кој е во блиски односи со Владимир Путин.

Демонстрантите вчера го окупирале објектот во центарот на Лондон и во него престојувале скоро целиот ден. Тие на балконот на вилата поставиле транспарент на кој пишувало „Овој имот е ослободен“.

„Бараме овој имот да припадне на украинските бегалци. Нивните куќи се уништени, а овој човек (Дерипаска) ја поддржува војната“, изјавиле демонстрантите за медиумите.

Според активистите вилата има околу 200 соби и според нив на имотот има премногу луксузни работи, кои никогаш не би биле потребни за обичен човек.

„Огромна е. Се загубив во неа неколку пати. Има толку многу непотребни соби“, рекол еден од демонстрантите.

„Ја преземаме работата која треба да ја прави владата, и го правиме тоа бесплатно… па така очекувам дека ќе ми се скрати дел од даноците кои ги плаќам“, иронично рекол друг активист кој учествувал во окупирањето на вилата.

Met Police

Фото: Би-Би-Си

Лондонската полиција соопшти дека протестот завршил околу 20 часот по локално време и дека вкупно биле приведени осум лица.

Милијардерот Дерипаска е познат по неговите бизниси во енергетскиот сектор и е еден од олигарсите кои се наоѓаат под санкции од властите на Велика Британија по руската инвазија на Украина.

Вилата се наоѓа во еден од најскапите квартови во Лондон и во неа има домашно кино, теретана и сауна.

Портпаролот на британскиот премиер изјавил дека за одземање на имоти на сопственици кои се под санкции најверојатно ќе биде потребна промена на законите.

„Сквотирање во станбени објекти е нелегално, но работиме на тоа да ги идентификуваме соодветна намена на запленет имот на сопственици кои се под санкции“, додале од службата за односи со јавност на премиерот.