Декриминализација на канабис за помалку криминал и поздраво општество

Норвешкиот парламент го декриминализираше канабисот за лична употреба до 15 грама, а на корисниците им се пружа медицинска помош наместо санкции и глоби. Израел го класифицираше одгледувањето на медицински канабис како земјоделска гранка, а одгледувачите добиваат средства и обуки како сите фармери. Во Вашингтон, произведителите, преработувачите и легалните продавници на канабис од 2014 до 2017 година генерирале безмалку 30 милијарди долари.

Ова се дел од податоците кои повеќе јавни личности деновиве ги изнесуваат пред македонската јавност, како дел од новата кампања на „Билка“ за декриминализација на канабисот. „Декриминализација СЕГА“ е уште еден обид да се актуелизира нужноста за нови законски решенија, како и многуте потенцијали кои ги нуди ова растение во поглед на негово одгледување, државен прилив на средства, намалување на стапка на криминал и медицински бенефити.

Според Јанаки Митровски од Здружението „Билка“, целта е да ја подигне свеста кај граѓаните, но пред се кај надлежните за потреба од декриминализација на канабисот во Македонија. Кампањата ќе се реализира во два дела, вели тој, а првиот е веќе во тек.

Јанаки Митровски

„Декриминализација на канабис за лична употреба подразбира состојба на неказнивост на уживателот на канабис, доколку секако не се работи за продажба. Тоа значи дека поседот или консумацијата особено на јавно место повторно се нелегални, но или не се санкционирани со казна затвор, или се на ранг на прекршок. Секако во различни земји е тоа различно регулирано. Во Холандија преку строга определба каде, кој и калку може да консумира канабис, во Португалија преку пристап на декриминализација до 15 грама за лична употреба со државно обезбеден тим за советување во услов на прекршок, во Каталонија преку клубови и сл“, вели адвокатот Митровски за Радио МОФ.

Во „Билка“ сметаат дека 2018 година е круцијална кај нас за декриминализација на канабис што ќе доведе до дестигматизација на уживателите како криминалци. За жал, велат тие, сега така ги третира законот.

Митровски во свој труд наведува дека во 1990 година биле регистрирани само 314 корисници на наркотици кај население од два милиона. Само четиринаесет години подоцна, МВР информира дека бројот на регистрирани корисници на наркотици се искачил на 6.583, или за повеќе од дваесет пати.

Исто така, напоменува тој, паралелно сме сведоци дека државниот апарат во изминативе декади се обидува да се справи со растечкиот број на корисници на наркотици, како и се’ поголемиот прилив на наркотици со конзервативни методи, пред се’ зголемена пенализациja.

„Со таа цел беше изменета и минимум предвидената санкција за кривичните дела казниви по член 215 од Кривичниот законик на Република Македонија кои ги таргетираат производството, продажбата, транспортот, држењето со интенција за продажба на наркотици и тоа од предвидена казна затвор во распон една до десет години на предвидена казна затвор три до десет години“, потенцира Митровски во трудот за списанието на ХОПС, дополнувајќи дека во 2015 започна да се применува спорното решение наречено Закон за одредување на видот и одмерување на висина на санкцијата.

„Се чини дека зад сето ова постои јасна интенција да им се врзат рацете на судиите за исклучително да се ограничат нивните можности за изрекување алтернативни мерки. За жал, ваквите конзервативни политики воопшто не даваат плод и тоа статистиката јасно го говори. Секоја година, во согласност со извештаите на Државниот завод за статистика, меѓу 333 и 478 полнолетни граѓани (статистика за 2012 – 2016 година) се осудени за кривичните дела против здравјето на луѓето (во која глава доминираат обвиненија по член 215)“, пишува тој.

Дополнително, потенцира Митровски, санкционирањето на корисниците на наркотици со казна затвор е контрапродуктивно, бидејќи Македонија многу малку или воопшто не работи на полето на рехабилитацијата. Со тоа, наместо да им помогне на корисниците на наркотици, дополнително ги криминализира и ги стигматизира однесувајќи се стерилно во поглед на одвикнување на овие луѓе од адикција и нивна ресоцијализација.

„Дополнително поразителни се податоците на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје, со кои во 1989 година во Македонија бројот на регистрирани наркозависници е 11, за во 1998 година да се искачи на 700. За истиот период просечната старосна граница на прв контакт со наркотици паднала од 32 на 22 години. Сите овие податоци претставуваат јасни показатели дека државата користи погрешни методи во борбата за сузбивање на трговијата со наркотици и отстранување на нивните штетни последици“, се вели меѓу другото во трудот на Митровски.

Околу декриминализација на канабисот се обративме и до активистот Филип Достовски од Здружението „Зелена алтернатива“, кое долги години е активно, организира настани, комуницира и помага на граѓани за различни болести и состојби преку совети и едукација за канабис.

Според Достовски, работата околу декриминализацијата треба да ја водат стручни лица. Односно, вели тој, треба да се направи сериозен и искусен тим за ефикасни решенија кои, пред се’, ќе бидат применливи за пациентите и корисниците на канабисот. Истовремено, да не се копираат „ЕУ закони“, туку да се адаптираат согласно домашните потреби.

Филип Достовски

„Потребни се стручни тимови. На семинарите за канабис треба да има вистинска дебата, да се даде простор на искусни лица. Шанса на луѓето кои користат канабис. За законските регулативи, за запознавање со историја и медицинските аспекти, ова е за прв пат и законодавците, и докторите да трчаат по пациентите. Повеќе пациентите знаат за материјата. Натаму се движи општеството. Треба да се голтнат ‘ѕвездите’. Гледаме дека и правниот и здравствениот систем се само системи за правење пари. Во правниот систем нема правда, во медицинскиот нема медицина. Се’ е паушално, па тоа во моментов се случува и со декриминализација и легализацијата. Форма без суштина“, вели Достовски.

Кога се менува закон, смета дека треба да се земат предвид научни истражувања. Односно, за каква материја станува збор, какви се тие својства, дали во одредени ситуации воопшто може да биде опасно… Се’ да се земе предвид.

„Колку експерти имаме во моментов, а да не читаат вести од ‘Гугл’? Моментално канабисот сите го гледаат како начин за производство на лекови. Но, тоа е една гранка, сегмент од потенцијалите на растенитето. Како Здружение веќе укажувавме дека носител на законот не треба да биде Министерство за здравство. Тоа од старт е погрешно. Канабисот е стратешки ресурс на една држава, и треба да биде во Министерство за земјоделство, бидејќи, пред се’, е култура која се сади, а потоа од неа произлегува текстилна, прехранбрена индустрија итн. Не може медицината да контролира нешто, кое, иронично, самата не го признава како лек“, потенцира активистот.

Понатаму, напоменува дека во државите во Европа (не САД, каде има посебен правен систем и фармакопеја), канабисот е декриминализиран за рекреативна употреба, а не медицинска. Тоа е уште пред десет или повеќе години – Швајцарија, Холандија, Шпанија итн.

„Значи, ако те фатат на улица со џоинт, исто е како во Скопје. Само што, не те носат во станица, но плаќаш одредена казна. За тоа си има одредени места. Но, што прават државите – си креираат свој модел. Но, заедничко за сите модели е – лесен пристап до корисниците. Ако државата навистина сака да помогне на народот, да намали стапка на криминал, треба да овозможи лесен и безбеден пристап до корисниците. Во Холандија секој може дома да си сади, во Шпанија и Австрија – исто. Различни се регулативите за надвор од домот, за јавни места. Но, во сите тие држави е дозволено човек да си сади дома. Кај нас ако имаш еден џоинт, десет џоинта или едно кило – тебе те тератат идентично преку член 215 за ‘производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори’ . Тоа е генерично толкување на работите“, смета Достовски.

Според него, ако им се даде на луѓето сами да садат, со тоа ќе корисниците ќе можат да се регистрираат – медицински или рекреативно. Пример, пријавуваат пет билки дома. Се’ што ќе биде надвор од таа изјава, злоупотребено, полицијата ќе може да го гони. Во спротивно, луѓето легално можат да чуваат дома. Тоа, вели тој се случува секаде во Европа.

„Кај нас се дава на големите компании да произведуваат лек, кој нема да биде евтин, па луѓето повторно ќе бидат принудени да бараат спас на црн пазар. Опасни се казните за садење, па мораат да купуваат на црно, со тоа додаваат ‘масло на огнот’ на организираниот криминал. Целите треба да бидат – намалување на црн пазар, психично, физичко и медицинско заштитување на консументите, бидејќи нема да мораат да влегуваат во дилови и да се развива црн пазар. Ќе се направи квалитетен, легален и одданочен продукт. Односно, државата да го произведува канабисот, или да го даде на корисниците за себе. Исто како леб. Ти можеш дома да си направиш леб, ама ако те мрзи, да можеш да одиш да си купиш и во продавница. Плус, кога на улица немаш дилер, кога е регулирано со закон и на одредени места, малолетник нема пристап до канабис. Така ќе го убиеш црниот пазар“, потенцира Достовски.

Сето ова го сумира со реченица-прашање: „Кој будала може на возрасен, полнолетен човек да му забрани да користи супстанција која научно докажано не прави штета, ниту на него, ниту на тие околу него?“

„Луѓе си мислат дека законот за легализација е само за големи компании. Сметаме дека треба да биде првенствено за сите граѓани на Македонија, посебно за млади од 21 до 35, кои се’ уште немаат свој бизнис. За малку пари да направиш капацитет од 100 метри квадратни. Зашто би морало хектари да садат, како огромните компании? Тоа се големите тајкуни што сакаат да прават пари. Која е поентата да дојдат и да ја користат Македонија како саксија? Што сме направиле ако донесеме три-четири компании кои ќе вработат по 20 луѓе? Сме вработиле 60-80 луѓе! Срамно. Ние се бориме луѓето да садат. Парите да останат кај народот, дома, кај малите бисниси“, вели Достовски, најавувајќи изненадување од „Зелена алтернатива“ за 20 април (Денот на канабисот, 4:20).

За декриминализацијата на канабисот се обративме и до Влада на РМ, но засега не даваат конкретни одговори и решенија.

„Следејќи го принципот на слобода на говор и отворена дебата, секогаш ќе ја охрабрува јавноста и граѓанските организации да отвораат дебати за сите прашања кои се во интерес на граѓаните на земјава и очекува за истите да се разговара без предрасуди, базирано на факти и врз основа на јасни индикатори. Овој став важи и за кампањата за декриминализација на канабисот. Владата на РМ секогаш ќе ги носи своите одлуки врз база на презентирани аргументи и ќе се води од приоритетите и интересите на граѓаните“, вели за Радио МОФ портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

——————-

Во продолжение, погледнете што велат јавните личности околу декриминализацијата на канабисот, како дел од кампањата „Декриминализaција СЕГА“:

Огнен Јанески, новинар, водител и активист

https://www.youtube.com/watch?v=icMR6hMB9FU

Мими Поп Алексова, првенка при Македонска опера и балет

https://www.youtube.com/watch?v=ItQ8j1ocopE

Ирена Ристиќ, актерка и активистка

https://www.youtube.com/watch?v=pZHyJ70KMeQ

Марко Новески, ТВ и радио водител

https://www.youtube.com/watch?v=SAFzJiIjS50

Дарко Костовски, психијатар и еден од основачите на „Билка“ и ХОПС

https://www.youtube.com/watch?v=FMR3YwUh4VA

Цеце Трајковска, новинарка и ТВ водителка

https://www.youtube.com/watch?v=S8MbAYB1NV0

Наталија Теодосиева, актерка

https://www.youtube.com/watch?v=hKFJ4Zz-ZSQ

Гоце САФ, хип-хоп диџеј и дел од рап групата „САФ“

https://www.youtube.com/watch?v=-DAB_RG-wlg

Дани Димитровска, пејачка

https://www.youtube.com/watch?v=8jMbFDtGJkE

Сања Арсовска, актерка

https://www.youtube.com/watch?v=sjevtyRaZ3Q

——–

Бојан Шашевски